Педијатри истакнуваат да се внимава со домашните базени, без разлика на тоа колку се мали или големи. Тие треба редовно да се чистат и редовно да се менува водата во нив. Педијатрите советуваат и кога се избира голем базен за капење, родителите да научат како се одржува и дали соодветно се хлорира водата
Во летните месеци се почести инфекциите добиени од бактерии при капење во базени. Најчести причинители се стафилококус ауреус, псевдомонас аеругиноса, ешерихија коли и други фекални бактерии, како и бактерии од родот салмонела, а не помалку важни се и вирусите и габичките.
Налето водата е совршена средина за размножување на микроорганизмите. Топлата и влажна средина е совршена за ширење на бактериите, габите и вирусите кои може да предизвикаат непријатни тегоби, па и болести. При долгиот престој во вода шансите за добивање инфекција се многу големи.
Во скопскиот Центар за јавно здравје нема пријавено драстично зголемен број случаи на болести поврзани со капење во базен или во загадени води. Сепак, лекарите потсетуваат на потребната внимателност при капење.
Педијатри истакнуваат особено да се внимава со домашните базени, без разлика на тоа колку се мали или големи. Тие треба редовно да се чистат и редовно да се менува водата во нив. Тие советуваат и кога се избира голем базен за капење, родителите да научат како се одржува и дали соодветно се хлорира водата.
– Во изминатиов период ординацијата се полни со деца што имаат инфекции предизвикани токму од капењето во базени, а секое второ дете е со гнојна ангина, дијареја, односно вирусни и бактериски инфекции. Има многу дечиња со воспалени уши и очи, за кои родителите велат дека се капеле во базен, независно дали во помал домашен или во поголем базен. Нормално, терапија се одредува зависно од видот на инфекцијата – вели д-р Весна Стојанова-Атанасовска, педијатар.
Стафилокока, ешерихија, габички…
Најчести можни причинители на инфекции се стафилококус ауреус, псевдомонас аеругиноса, ешерихија коли и други фекални бактерии, како и бактерии од родот салмонела. Но, според доц. д-р Снежана Ивиќ-Колевска, микробиолог, не помалку важни се и вирусите и габичките.
– Овој период има зголемен број случаи на позитивни наоди на респираторен тракт. Актуелни се уринарните и дигестивните инфекции, кои се поврзани со високите температури и јадењето надвор. Јули и август се месеци кога има деца што имаат проблеми со ушите и очите, а се предизвикани од капењето во базен – информира докторката.
Наведените бактерии може да предизвикаат различни видови инфекции, и тоа на очи, уши, кожа, уринарни и генитални инфекции, како и инфекции на дигестивниот тракт. Секоја од овие локализации на инфекции е следена со специфична симптоматологија.
Влажните пешкири – идеални за бактериите
Инфекцијата на кожата најчесто е предизвикана од бактерии, и тоа стафилококус ауреус, меѓутоа, не треба да се занемари ни важноста на инфекции на кожата предизвикани од габи. Д-р Ивиќ-Колевска вели дека идеално место за нивниот раст и размножување се влажните пешкири и костими за капење, влажните подови, соблекувални, простории за туширање и тоалети.
– Инфекциите на кожа се карактеризираат со црвенило, чешање, пукнатини на кожата, а по неколку дена можна е и појава на гнојаници. Уринарните и гениталните инфекции исто така се честа причина за непријатности предизвикани од капењето во базени. Најчести причинители за овие инфекции се бактерии од фекално потекло – ешерихија коли и ентерококи, како и псевдомонас аеругиноза, придружени со зачестено мокрење, печење и непријатност при мокрење, односно печење и чешање на половиот орган и појава на секрет кој е обоен (зеленикав или жолтеникав) доколку причинител на инфекцијата е бактерија, или бел доколку се работи за инфекција предизвикана од габа – појаснува докторката.
Како да се заштитите?
– Ако има сад со дезинфекционо средство при влез во базен, не прескокнувајте го;
– Истуширајте се пред и по влез во базен, езеро или море;
– До водата (базен, езеро, море) одете со папучи;
– Не седите на влажен пешкир;
– Соблечете го влажниот костим за капење и заменете го со сув;
– Не голтајте вода додека пливање;
– Не нуркајте без да ставите маска на очите и штитници (тампони) на ушите;
– Не уринирајте во водата;
– Добро измијте ги рацете при излегување од водата;
– Кога ќе се вратите од плажа, задолжително истуширајте се со сапун и млака вода.
912