Со неколку акции за општо добро, Првиот скопски извиднички одред го одбележа месецов, во чест на 22 февруари, Светскиот ден на извидништвото

Како може некој толку „ладно“ да фрла отпад во природа – зачудени и вознемирени коментираа децата од Првиот извиднички одред – Скопје на една од акциите што периодов ги организираа. Во акцијата на собирање отпад на Водно, од полициската станица до врв, тие заедно со нивните водачи собраа десетина големи вреќи со ѓубре во првите 300 метри одење.

Снежана Јанковиќ, началничка на Првиот скопски извиднички одред, ни сподели во какви извиднички акции биле вклучени од мал до голем извидник. Со помош на ваквите акции, децата развиваат емпатија, но и насока за правилен социјален, емотивен и духовен развој. 22 февруари е Светски ден на извидништвото и овој месец се одбележува во 170 држави од повеќе од 50 милиони извидници.

– При акцијата на Водно најмногу се собраа пластични шишиња, чаши од кафиња, лименки. Со оваа група извидници беа нашите водачи Бојан Ѓошев – јато Бамбуси, Владимир Камбовски и Ивана Манчевска – јато Коприви, на кои им беше навистина тешко да им објаснат на децата зошто некој што оди на планина и ја сака природата, воопшто, фрла ѓубре – вели Јанковиќ.

Десетина големи вреќи со ѓубре собрани во само првите 300 метри одење

Домашни колачи со пораки на полициските станици, противпожарна и брза помош им однесоа извидници од ПСИО од патролите Мармазети и Бубови, заедно со водачите Димитар Чакар и Иван Велкоски.

– Тие се луѓето што се грижат за сите граѓани и најмалку што можеме ние како извидници е да ги посетиме и да им украдеме понекоја насмевка. Прекрасно е чувството кога ќе направиш некого среќен, а за тоа не треба да се бара посебна причина, многу е лесно. Секако, имаше колачиња и за останатите граѓани што ги среќававме по пат кон овие институции. Огромна благодарност до родителите-волонтери кои помогнаа при правењето на колачите – вели Снежана.

Колачи со пораки за полициските станици, противпожарна и брза помош

Една од поинтересните активности што ПСИО-вци ја организираа месецов е и фарбањето на фасадата на детската градинка „Мајски цвет“ во населбата Тафталиџе 1. Во оваа акција помогнал и персоналот на градинката.

– Сакавме да направиме навистина добро и корисно дело за нашата заедница. Оваа детска градинка со години ги пречекува децата со уништена ичкртана фасада од несовесни деца и млади. За таа цел, се споија јато Бонсаи со својот водач Софија Илиевска и патрола Кобаја, водена од Снежана Јанковиќ, како и старешината на одредот – Зоран Шиљковски и заеднички успеавме да го смениме целиот изглед на градинката. Резултатот е фантастичен, а коментарите на нашите извидници беа: „децата в понеделник нема да препознаат дека ова е нивната градинка“. Со малку боја и многу голема желба да се направи нешто корисно за заедницата, успеавме да придонесеме за позитивна промена и се надеваме дека ќе има многу посреќни деца. Во акцијата ни помогнаа и други волонтери од ПСИО, како и дел од персоналот заедно со директорката, кои се потрудија да не им недостига ништо на извидниците додека работеа. Имено, оваа градинка не ја обновила фасадата бидејќи веќе пет години Општината има цел да ја сруши и да направи нова – но зарем во овие 5 години нема деца што доаѓаат, коментираа извидниците – објаснува Снежана.

Снежана Јанковиќ заедно со Владимир Камбовски и Бојан Ѓошев

Таа упати и апел за поголем надзор врз овие објекти со цел да се спречи вандализам врз објектите во кои ни се едуцираат и воспитуваат децата.
Развигорците, најмалите извидници од јатото Трски, заедно со својот водач Мартина Тасева и волонтери од ПСИО направија прекрасно дело. Тие се одлучија повторно да употребат стари пластични шишиња и да ги приспособат како резервоари за храна за птици. Со скалата под рака, од дрво до дрво, наредија 20-ина резервоари со храна низ нашиот Градски парк.

За патролата Лилјаци предводена од водачот Димитар Тануровски предизвик беше собирањето отпад од несовесни граѓани на Водно. Тие го чистеа делот Марково Крувче, а нивните коментари воопшто не беа позитивни, посочува Снежана.

– Цело Водно преполно со автомобили, а меѓу нив отпад колку ти душа сака. Канти за отпад има насекаде, а таму кај што нема, нормално дека не треба да се фрли отпадот на земја, туку треба да се причува в џеб и потоа соодветно да се фрли во канта. Не ни е јасно и не можеме да разбереме што имаат во глава овие луѓе што така само си фрлаат шишиња, хартии, фискални, конзерви и што сѐ не. Најчесто и најмногу ѓубре собравме од места каде што веќе имало стар отпад – сигурно несовесните си мислеле дека кога веќе има ѓубре на едно место, можат да го фрлат и нивното. Затекнавме и фамилија која откако се најаде, го остави отпадот на една од клупите. Им пријдовме и им рековме дека треба да го земат и да го фрлат. Нѐ погледнаа попреку и ни рекоа: „А, тоа не е наше“. Како да им објасниме на нашите сограѓани дека отпад е отпад, па што ако не е ваше (а беше нивно). Апелираме до сите – отпадот е за во канта за отпад, никому нема да му се слоши ако фрли отпад од некој друг, напротив, пробајте и кажете ни како сте се почувствувале во тој момент – разочарано објаснува Јанковиќ.

Стотина сендвичи за гладните луѓе

„Никој не заслужува да биде гладен“ е една од најемотивните акции што ги спроведуваат ПСИО секоја година. Извидниците делат храна за гладните низ скопските улици.

– И годинава се собраа вредните извидници со својот водач Николај Василев и подготвија вкусни сендвичи кои ги поделија. Емоциите не недостигаа и од среќа бидејќи си направил некого среќен, но и од тага бидејќи никој не треба да остане гладен. Јатото Орхидеи првпат оваа година се впуштија во мисија за добро дело. Низ оваа акција не само што успеавме да поделиме 100-ина сендвичи, туку и се запознавме подобро со нашата чаршија, Бит-пазар и Калето.

Една од акциите на јатото Кактуси заедно со нивниот водач Миа Настев беше на децата од Домот за деца „25 Мај“. Од минатата година сите деца од оваа установа се поделени во т.н. мали групни домови, па ние како извидници решивме да посетиме еден од нив и да се дружиме со децата што живеат таму, објаснува Снежана.

– По побараната дозвола за посета и организација на активности ги зедовме лаковите и стрелите, магнезиумот и јажињата за јазли и стигнавме во куќата каде што нѐ пречекаа со насмевка и задоволство. Се забавуваме сите заедно и се договоривме дел од нив да ни се придружат како редовни извидници во нашиот одред.

На Светскиот ден на извидниците шампионската патрола Рисови, која лани го освоила првото место на Државниот извиднички ориентационен натпревар, им помагаше на постари луѓе и им ги носеше торбите до нивниот дом, автомобил или до автобуска станица.

Да пробаме да го направиме светот малку подобро место за живеење за следните генерации.

На 22 февруари е роден основачот на извидниците, лорд Роберт Баден Пауел, кој својата мисија за извидници ја започнува во Англија во 1907 година и по само неколку години тргнува да го шири извидништвото низ целиот свет.
Тој во својата порака до извидниците раскажува и за разликата меѓу лично задоволство и среќа. Вели дека задоволството трае додека правиме нешто што ни е драго и убаво нам, но кога ќе заврши – завршува и чувството, додека за среќата вели дека доаѓа тогаш кога правиме некого среќен.



912

X