Во центрите за социјална работа се поднесени нови 27 барања од семејства што сакаат да згрижат деца, од кои 20 се во Скопје

Во Скопје, Прилеп, Крушево, Македонски Брод и во нивните околини има најмногу згрижувачки семејства за деца без родителска грижа. Од точно 187 семејства во земјава кои во моментов обезбедуваат љубов и топлина за децата, во овие делови на Македонија се 77,5 отсто од нив. Во последниот период расте и бројот на семејства што се заинтересирани за згрижување.
Секое дете заслужува да ја почувствува топлината на домот. Министерство за труд и социјална политика (МТСП) и УНИЦЕФ ја спроведуваат кампањата „На секое дете му е потребно семејство“ за граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа и да им овозможат правилен развој.

– Од почетокот на кампањата во кол-центарот на МТСП се евидентирани околу 270 повици. Во центрите за социјална работа се поднесени нови 27 барања од семејства што сакаат да згрижат деца, од кои 20 се во Скопје – велат од Министерството за труд и социјална политика.
Од оние што бараат да станат згрижувачи, 7 семејства веќе ја поминале обуката, а за другите постапката е во тек.
Инаку, доколку семејство сака да згрижи дете без родителска грижа, додека не биде посвоено или додека да порасне, треба да поднесе барање до локалниот центар за социјална работа во општината каде што живее. Освен што ќе треба да помине обука, законот вели дека треба да исполни и неколку критериуми.
– Постојат неколку критериуми врз основа на кои се оценуваат заинтересираните кандидати. Најпрвин, предвид се зема возраста. Заинтересираниот кандидат треба да има од 18 до 65 години. Старосната разлика помеѓу детето и посвоителот не треба да биде помала од 18 години или поголема од 50 години. Исто така, кандидатот треба да има завршено најмалку основно образование и да е во добра здравствена состојба. Се разгледуваат и подобноста и материјалните и станбени услови – објаснуваат од МТСП.

Постапката за процена на подобноста на згрижувачкото семејство продолжува со преглед на документи кои вклучуваат и доказ за неосудуваност и за неодземени родителски права.
– Потоа следува разговор со потенцијалниот згрижувач, но и со членовите на неговото семејство. Се посетува и неговиот дом. По завршувањето на првичната процена на потенцијалниот згрижувач врз основа на критериумите, Центарот за социјална работа обезбедува обука, па на крај одлучува дали ги задоволува условите да биде згрижувач – објаснуваат од Министерството.
Целта на оваа кампања е да се најдат згрижувачи за повеќе од 200 деца што сега се сместени во разни институции во земјава.



912

X