Сум работел многу работи, сум бил фер со секого и животот конечно ме награди. По муабетот сфаќате дека не би работел ништо друго – вели наставникот Ивица Трајковски

Во неговата училница на ѕидовите има слики и цитати од Гоце Делчев, но и од Боб Марли, Стив Џобс, Брус Ли… Не му е тешко со учениците да излезе на протести и да предупреди на опасноста од климатските промени, а ги учи да ги штедат водата и енергијата. Овој нетипичен скопски наставник едвај чека да му помине распустот за да биде со своите ученици, а секој понеделник му е песна. Вели дека многупати тој учи од нив и за тоа им е благодарен.

Да, Македонија има и вакви наставници, кои професијата не ја земаат здраво за готово. Ивица Трајковски предава Историја и Граѓанско општество во центарските училишта „Димитар Миладинов“ и „11 Октомври“, а е единствениот што активно со своите ученици се вклучи во глобалната иницијатива Fridays For Future. Во интервјуто за Деца.мк вели дека ја има најдобрата работа на светот.

Ивица Трајковски

И Скопје се приклучи кон глобалната иницијатива Fridays For Future. Ве пофалија дека сте единствениот наставник од Скопје што не само што не ја игнорира нивната порака туку и активно се ангажира да ги информира учениците и да ги вклучи во борбата против климатските промени. Колку е значајно просветните работници да зборуваат за овие горливи теми со своите ученици, а колку тие се подготвени да се вклучат?

– Едноставно морав да ја споделам приказната за Грета Тунберг и нејзиното детско и чисто гледиште на тоа што неизбежно доаѓа за сите нас. Ако вака продолжиме, нема иднина. Толку. Многу брзо ја заборавивме зимата и што дишевме. Ако не си ги сакаме децата, ќе го премолчиме ова. Е јас не можам бидејќи тоа се и мои деца, па моравме да тргнеме во акција. Мораше да се прошири мислата на Грета и во Македонија. Децата ги чувствуваат чистите и искрени луѓе и тој што може да направи разлика се приклучува. Важно е да се тргне, порано или подоцна ќе се вклучат сите, од наставници преку ученици до родители. Јас сум позитивец и сакам среќни краеви, но на генерациите родени по 2.000 година ќе им претстои најголемата битка во човештвото. Битка за планетата Земја. Мораме да се мобилизираме и сите да се вклучиме што побрзо ако сакаме да ја победиме просечната човекова мисла подјадена од корумпираните алчни корпорации што секојдневно го загадуваат светот.

Ѕидовите на училницата ги краси Гоце Делчев, но и Боб Марли, Брус Ли

Членството на #TeachersForFuture расте насекаде во светот. Целта на наставниците е учениците да разберат со каков проблем ќе се соочат во иднината кога е во прашање глобалното затоплување. Имате ли идеја и дали можеби работите на тоа да се зајакне структурата на членството и кај нас?

– Мораме да ја кажуваме вистината, а таа е една. Ова не се лажни вести, ова е реалноста. Малите навики го прават човекот. Живееме во виртуелен свет каде што се поважни замислените пријатели отколку вистинските, броиме лајкови и правиме селфиња игнорирајќи го вистинскиот живот кој ни поминува пред очи. Мораме да почнеме со секојдневните навики. Не може да ја спасуваме поларната мечка, а во ходникот да ни свети светло кога нема никој. Идејата е да се почне од најмалите работи, како рециклирањето во домот. Кога ќе се даде да го извршуваат децата, тие ќе почнат да формираат секојдневна навика. Потоа преку образованието (прво на добрата волја на наставникот) да се стигне до разумот на детето. Да се одвојува време за краток разговор со децата, било тоа час по математика или граѓанско образование, од физичко преку географија и музичко да се едуцира младата личност на вистинските животни вредности, мислам дека е тоа многу поважно од која било бирократска домашна што ја има наставникот. Само така тие ќе станат „поголеми“ луѓе, односно активни граѓани кои ќе имаат критичен став кон секој што ѝ наштетува на природата. Само така членството ќе расте, не само во бројка, туку вистински.

Многу пати учениците ме учат мене, а за тоа ќе сум им вечно благодарен. Лидерите не се раѓаат, лидерите се произведуваат

Македонија се соочува со големи проблеми кога е во прашање (не)грижата за природата, загадувањето, елементарната некултура кога се во прашање ѓубрето, рециклирањето, селектирањето на отпадот итн. Што може образовниот систем да направи за создавање население со висока свест околу овие прашања?

– Преку образованието може да се постигне сѐ, но потребни се искрени проекти и насоки примамливи за напредните генерации кои се со натпреварувачки дух (кое училиште најмногу ќе рециклира пластика, хартија, најзелен училиштен двор и сл.). Верувајте кога искрено ви кажувам дека сѐ се базира на добрата волја на наставникот. Моето одделение рециклира пластика, собираме и капачиња, а мислам дека имаме доволно за изработка на една инвалидска количка (акцијата „Едно капаче, една надеж +“). Драстично ја намаливме сметката за вода во училиштето преку едноставна усна информација да внимаваме со нашите „непресушни“ чешми. Внимаваме на светлото во ходникот и искрено учиме да штедиме енергија, а така се почнува. Доколку се насочи правилно нашата заемна енергија, можеме многу да направиме.

На протест против климатските промени со неговите ученици

„Кога лидерите се однесуваат како деца, децата стануваат лидери“, порачаа некои од Вашите ученици на неодамнешниот протест против климатските промени. Гледате ли многу вакви лидери меѓу учениците?

– Ја имам најдобрата работа во светот. Секој ден се дружам со деца кои сѐ уште не се извалкани од вестите на телевизиите, вистински сакаат и не знаат да мразат, за мене е тоа најголемиот благодат. Многу пати тие ме учат мене, а за тоа ќе им бидам вечно благодарен. Лидерите не се раѓаат, лидерите се произведуваат. На часовите ќе забележиш некој ученик како те „снима“ со очите и вистински ја впива информацијата, по говорот на телото се чувствува, дека тој е тој, тоа дете ќе ја направи разликата. За тие моменти живеам. Сѐ додека има наставници што прават разлика, има надеж, а ќе има и лидери.

Наставник сте по Историја и по Граѓанско образование. Предавате во две училишта. Какви се конкретно програмите и учебниците за овие предмети? Потребни ли се измени?

– Граѓанското образование конечно тргна на прав пат. Сведок сум на одлични семинари во кои веднаш се почувствува влијанието на граѓанскиот сектор, за разлика од типот на „си го читам пауерпоинтот“ обуките кои сите знаеме зошто се одржуваат. „Македокс“ ни обезбеди прекрасни документарни филмови кои ги користиме во повеќе предмети. Новата програма изготвена за 8. одделение веднаш вроди со плод и часовите станаа многу поинтересни (тврдење на моите учениците) со конкретни цели и активности на кои никој не остана рамнодушен, и тоа е за голем поздрав. За разлика од Граѓанското образование, новитетите по предметот Историја, според моето скромно размислување, се вешто избегнувани. Како да чекаме ЕУ да ни сервира некоја платформа со некој заемно комшиски учебник. Дотогаш целата тежина паѓа на градите на наставникот што предава. Конкретно јас имплементирам многу документарни филмови и анимирани серии од реномирани јутјуб-канали. Не преферирам помнење фактопедија, „пеење“ лекции и рецитирање години, туку повеќе обрнувам внимание на самата комуникација, размислувањето, пронаоѓањето на одговорот и говорот на телото. Кога повторуваме, разговараме и дискутираме, „се филмаме“ и изработуваме различни сценарија од настани, со цел утврдувањата да бидат интересни, а ученикот сам да извади поука од насочената дебата. Најважно е како се учи, а не што се учи.

Образованието ни е во криза, постојано под некакви реформи… Трпат и учениците и наставниците. Темава е опширна, но, сепак, што треба генерално да се промени во основното образование?

– Делумно одговорив на ова прашање, верувам дека ќе има промени зашто навистина се потребни. Не толку од фактопедискиот дел колку од формата на часот. Активни граѓани не се произведуваат со препишување на книгата во тетратка и учење напамет. За тоа се измислени фотокопирите. Нашите деца се нашата иднина и мораме вистински да им бидеме посветени. Интересни часови полни со интеракција, документарни и анимирани филмови со моќни пораки се повеќе од добредојдени. Музика во ходниците и во училишниот двор, дебатни и киноклубови, секции кои се посветени на градење на карактерот кај младите, ходници со графити и стрипови изработени од учениците и моменти кога учениците ќе предаваат, односно се ставаат во улога на наставници и така меѓусебно се оценуваат. Примери од скандинавскиот образовен систем има на интернет и секој може да ги погледне, не треба да си научник за да сфатиш зошто се први тие држави во светот. Зошто се грижат за своите деца од најмала возраст. Повторувам, ни требаат суперпромени за нашите супердеца од најновата генерација.

Секоја година заедно кампуваат на Козјак

Наставниците се постојано под лупа на јавноста, често и дежурни виновници за сите пропаднати реформи и изгубени генерации. За жал, не се ни доволно платени. Зошто сакате да ја работите оваа работа, а поради кои причини би посакале да работите нешто друго?

– Многу луѓе ми се чудат кога ќе кажам дека едвај чекам да помине распустот за да се видам со моите ученици. Секој понеделник ми е песна, а целата заслуга им припаѓа на моите ученици. Тоа секојдневно го гледаат нивните родители, и така кругот идеално се затвора. Тие ги испраќаат насмеани на училиште, а мојата работа е да ги вратам насмеани дома плус со знаење повеќе, и така секој ден. Кога работиш со љубов, сѐ е лесно. Платата е таква како што е, но јас лично компензирам со среќа, љубов и позитивната енергија што ја примам од моите ученици и си ја носам дома и му ја пренесувам на моето семејство. Сум работел многу работи, сум бил фер со секого и животот конечно ме награди. По муабетот сфаќате дека не би работел ништо друго.

Ќе го бодрам секој сон на секој мој ученик, ќе го разбирам секој тажен поглед и ќе давам нова шанса наредниот час, нема да има тестови на моите часови зашто се само стрес за моите ученици, ќе бидам приземен и пријател со секој, ќе ги учам да бидат поголеми луѓе, а тие еден ден сите нас ќе нè направат горди

Како државата треба да ги мотивира наставниците, покрај поголема плата, се разбира?

– Условите за работа – е мојот конечен одговор. Инспекторите да нè остават на раат, да се намали непотребната документација (повеќе онлајн-датотеки отколку нови исечени дрвја-читај листови хартија) и човечки да се почитува и вреднува нашата работа (учениците тоа веќе го прават за тој што вреди). За вистинските наставници ова е сосема доволно.

Новите генерации ученици… Какви деца растеме, што е специфично што секојдневно во училниците го гледате во овие генерации?

– Секој ден гледам доктори, графички дизајнери, јутјубери, уметници, адвокати, професионални гејмери, математичари, роналдовци, џордани, глумци и рапери. Моментот кога ќе го заборавам Ивица како седи во претпоследна клупа во 8. одделение со грижата за тројката по физика, што ќе каже тато, срцето како му тропа силно кога го крева наставничката по математика и колку и да се труди, некои работи никако не ги сфаќа, како сака да црта или кога класната му го скрши срцето кажувајќи му дека некој друг го напишал неговиот есеј, во тој момент ќе престанам да бидам наставник и ќе заминам. Дотогаш, ќе го бодрам секој сон на секој мој ученик, ќе го разбирам секој тажен поглед и ќе давам нова шанса наредниот час, нема да има тестови на моите часови зашто се само стрес за моите ученици, ќе бидам приземен и пријател со секој, ќе ги учам да бидат поголеми луѓе, а тие еден ден сите нас ќе нè направат горди. Тие млади луѓе прво се нечии синови и ќерки, потоа мои ученици и на крајот иднината на нашата татковина.

Не преферирам помнење фактопедија, „пеење“ лекции и рецитирање години, туку повеќе обрнувам внимание на самата комуникација, размислувањето, пронаоѓањето на одговорот и говорот на телото. Кога повторуваме, разговараме и дискутираме, „се филмаме“ и изработуваме различни сценарија од настани



912

X