Нашите родителски средби секогаш се интересни, завршуваат со игри и во весело расположение, а во сите работилници родителите максимално и креативно се вклучуваат, вели Билјана

Воспитувачката Билјана Лотеска, која работи во градинката „Детска радост“ во Општина Гази Баба, годинава го доби признанието за најдобар просветен работник, кое секоја година го доделува Здружението на просветни работници на град Скопје. Лотеска е меѓу седумтемина просветни работници што неодамна го добија ова признание за посебен придонес во професијата. Од оваа временска дистанца, дури и после голем воспитувачки стаж, Билјана вели дека не е тешко да се работи со деца ако доволно ја сакате таа работа.

Неодамна го добивте признанието за најдобар просветен работник. Какво е чувството? Што значи за Вас ова признание?

– Искрено речено, по 27 години работа со деца, најпосле признанието дојде за да ми ги валоризира сите постигнати успеси во мојата работа. Претходно јас го добив и признанието „Големата мајка“ на Општина Гази Баба, исто така за придонес во воспитанието и образованието, а сега и признанието на Град Скопје. Од ова извлекувам заклучок дека сечиј, па и мојот вложен труд некој ќе го види и ќе го признае. Но, јас и во иднина ќе продолжам уште повеќе да ја збогатувам мојата креативна работа со децата, не само зашто на тоа ме обврзуваат двете признанија, туку тоа е во интерес на децата и на идните поколенија.

Работата со деца не е лесна. Како успевате секојдневно да се справувате со предизвиците во занималната, но и надвор од неа?

– Ако си ја сакате работата, а јас сум заљубена во неа, нема никаква тешкотија со ниедно дете што не може да се надмине, што не може да се разреши и да се добие во квалитет. Мојата стручна подготовка не само што ми дозволува, напротив, дури максимално ми овозможува децата во групата, а секојдневно се 27-28 присутни, да ме поттикнат на уште поголемо ангажирање, а тие релаксирано да го минуваат своето детство. Не, јас немам никакви тешкотии со децата во мојата група, ја будам секојдневно нивната креативност, ги развивам кај нив толерантноста и емпатијата, им „ставам“ насмевка кога се тажни, ги мотивирам, ги охрабрувам да веруваат во себе и во своите потенцијали, тука сум да ги слушнам нивните желби и тајни, заедно да играме и да пееме, заемно да се почитуваме и да дадам сè од себе за нивната возраст и растење да ги збогатам максимално и квалитетно.

Дали кај денешните родители има волја да соработуваат кога станува збор за некаков проблем кој се јавува со нивното дете? Kаква ви е генерално соработката со мајките и татковците?

– Во мојата секојдневна соработка со родителите постои една чудесна хармонија која се огледа во интересот на родителите да им се воспитува детето во најпозитивна смисла на зборот. Како воспитувач секогаш ги вклучувам во нашите активности, а нивната подготвеност секогаш и во секое време да земат активно учество во реализацијата на поставените цели и задачи навистина ме радува. Искрено кажувам дека со родителите од сите досегашни генерации имам исклучителна креативна соработка исполнета со многу нивни идеи и желби во заедница со децата да го оствариме најдоброто. Нашите родителски средби секогаш се интересни, завршуваат со игри и во весело расположение, а во сите работилници родителите максимално и креативно се вклучуваат. Со еден збор, на сите родители им искажувам бескрајна благодарност за поддршката што ми ја даваа.

Можете ли да направите споредба какви беа претходните генерации деца, а какви се денешните?

– Секоја генерација си носи свое време, а јас како воспитувач успевам успешно да ги следам сите новини што произлегуваат од барањата и потребите за осовременување на воспитните активности и потребите за формирање креативни личности од децата. Со тоа што секоја генерација си носи нешто свое, нешто ново, тоа од мене бара не само да го прифатам, туку и да им ги збогатам и надградам активностите што секојдневно ги реализирам, а тоа досега успешно го правам.

Наведете некои од активностите во кои сте вклучени Вие како кадар, но и некои од оние во кои се вклучени дечињата?

– Далеку би ме одвело набројувањето на сето она што во мојата секојдневна работа го имам реализирано со децата. Но, во оваа пригода само таксативно ќе набројам некои реализирани многу интересни проекти, а тоа се: „Светски и наши денови за празнување“, „Музички потскокнувања“, „Уметност со каменчиња“ и многу други. Дел од овие проекти беа објавени и презентирани во нашата стручно-педагошка периодика и предизвикаа интерес како кај нас така и на балканско ниво. Јас сум и е-твининг амбасадор за градинките и активно сум вклучена во е-твининг мрежата каде што со воспитувачи од Европа реализираме заеднички проекти, разменуваме искуства и споделуваме и разменуваме идеи. Од оваа година сум исто така вклучена и во програмата на Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ-воспитувачи за колегијална поддршка, во која програма носечкиот столб е социо-емоционалниот развој на децата.

Вие сте вклучени и во реализирање на проектите преку Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Еразмус+. Можете ли да ни кажете кои се Вашите согледувања, односно сознанија меѓу нашата предучилишна дејност и онаа во земјите со кои ги реализиравте проектите?

– Веќе шеста година учествувам во реализирање на меѓународни проекти. Координатор сум на сите три проекти што досега сме ги реализирале во нашата градинка, „Вреднување на играта“, „Ајде да славиме заедно“ и „Дојдете деца, природата ве чека“, а во иднина следуваат уште нови проекти за оваа наша дејност. Имав и имам можност одблиску да се запознаам со политиката на предучилишната дејност во Летонија, Италија, Турција, Литванија, Естонија, Португалија, Романија и во Бугарија. Искрено речено, нашиот предучилиштен систем е конзистентен и во себе содржи такви програмски цели со кои сме понекогаш и понапред од другите држави, а со новата програма која ќе се реализира преку МТСП и УНИЦЕФ тоа уште повеќе ќе се потврди. Мое мислење е дека треба да се вложат дополнителни напори оваа дејност да се подигне на највисоко ниво и да го добие своето заслужено место. Она што морам за крај искрено и од срце да го споменам е прекрасната негувателка со која веќе 15 години заедно работиме и се грижиме за нашите деца, Бети Обреновиќ, како и одличниот тим на градинката „Детска радост“.



912

X