Добриот наставник знае да планира, да подготви, да анализира, да носи заклучоци. Добриот наставник треба да користи стручна литература од областа на педагогијата и психологијата, вели Топали, која беше една од наставничките прогласени за најдобри просветни работници во Град Скопје
За да биде еден наставник добар и успешно да работи како одделенски наставник, не е доволно само да се биде стручњак во својата област. Добар наставник треба да поседува емпатични карактеристики, да биде трпелив и флексибилен, да поседува организациски и комуникациски вештини, да има нови идеи и стратегии. Добар наставник по тешките наставни теми, преку разни активности и методи знае да им ги олесни прашањата што им создаваат тешкотии на учениците – вели Хатиџе Топали, одделенска наставничка во скопското училиште „Петар Здравковски-Пенко“, која доби награда за најдобар просветен работник од Здружението на просветни работници на Град Скопје. Топали работи 21 година со деца, од кои во последните 15 години токму во училиштето во населбата Бутел, кое е едно од најголемите во Македонија според бројот на учениците (повеќе од 1.560).
Хатиџе Топали
– Наградата што ја добив од Здружението на просветни работници на Град Скопје за мене е вредна бидејќи ме охрабрува и ми дава волја да продолжам понатаму со задоволство да се занимавам со мојата работа и со моите најмили ученици. Денот кога бев избрана за најдобар наставник за мене беше радосен и исполнет со многу емоции – вели Топали и му се заблагодари на здружението, кое на најкоректен начин, спрема критериумите што биле дадени, ги избрало најдобрите наставници на Град Скопје.
За Топали, учењето е повеќе од професија, а ученикот со помош на наставникот се мотивира и постигнува цели.
– Еден наставник расте во кариерата кога е успешен со своите ученици. Работата на наставникот се мери според постигнувањата на учениците. Наставниците што сакаат да учат, ги учат и учениците да го сакаат учењето – вели наставничката.
Одделението на Топали во ОУ „Петар Здравковски-Пенко“
Ја прашавме да ни каже што е тоа што го прави еден наставник добар.
– Добриот наставник знае да планира, да подготви, да анализира, да носи заклучоци. Добриот наставник треба да користи стручна литература од областа на педагогијата и психологијата. Добриот наставник се консултира, соработува со другите наставници од колективот и пошироко. За да бидете добар наставник, треба да имате соработка со ученик како поединец и со група ученици. Учениците треба да се релаксираат одвреме-навреме, да пеат песни, да кажуваат шеги или само да дишат. Добриот учител е оној што им го овозможува ова – вели таа.
Наставничката е категорична во однос на бројот на учениците во едно одделение. Таа вели дека за да се воспитува и да се следи учењето на децата, класот треба да има помал број ученици – од 15 до 20 ученици.
– Според филозофот Умберто Галимберти, за да може наставникот да работи ефикасно, компетентноста и страста не се доволни, ни треба образовна институција која гарантира паралелки со помал број ученици. Иако водам паралелка со 34 ученици, јас сум задоволна од нивниот успех. Овој успех се достигнува со вложување многу труд во професијата и со соработката ученик-наставник-родител – завршува таа.
912