Дете со коса и со куп инструменти. И со куп другари, џамлии, авантури, петки, бегања од часови, неостварени мечти. И дете со многу љубов, со строго и правично семејно воспитување и многу мерак за музика. Тоа било детето Џијан Емин, денешниот мултиинструменталист, мајстор за музички спектакли и миленик на публиката, дома и надвор

Тој е еден од најзначајните уметници на современата македонска сцена. Мултиинструменталист, аранжер, композитор, диригент… Пред дваесетина години на маалските клупи се дружел со Трта, Црни, Чуро, Пуцвал, Муамет, Неџат, Славе… Денес се дружи и со Дерик Меј, Јуан Аткинс, Вилијам Паркер, Грег Хопкинс, Питер Херберт, Дамо Сузуки, Кирил Џајковски, Тони Китановски…

Тоа е Џијан Емин. Музичарот кој со само нему својствена умешност си поигрува со жанровите и со националната филхармонија во „парк ги донесе“ Пинк Флојд и Дејвид Боуви. Денес е име со ценет интернационален потпис, но не заборавил на фудбалот на голчиња, на џамлиите, на ластикот на сестрите, на цртаниот филм во седум и петнаесет, на филмот „Партизанска ескадрила“ и неостварената желба да биде пилот на воен авион. Не заборавил кога бил дете.

– Бев дете со коса. Не многу густа, и секогаш имав голем проблем да си направам фризура. Имав неколку обиди, ама сите беа катастрофални. Сега е многу полесно и поаеродинамично. Тогаш сè беше подруго, поразлично од денес. Во тоа време битни беа џамлии, криенка на топка, фудбал на мали голчиња, сервис, џамија, со сестрите понекогаш играв и ластик – шармантно го почнува Емин малото патување наназад низ годините, во детството, во старото маало. И како од пушка ги реди: Црни, Трта, Чуро, Пуцвал, Тадек, близнаците Боро и Бошко, од маалото Муамет и Неџат, Маци, Дуро, Мето, Суки, Славе и уште многу. Вели дека лесно беше тогаш да се дружиш, имавме улица и клупи.

Немав „комодоре“, првиот компјутер го купив на 26 години

– Сега сè е различно. Кога јас бев дете, немаше секое дете компјутер на располагање. Ретки беа тие што имаа „комодоре 64“ или „атари“. Повеќето игравме џамлии, фудбал, кошарка и други друштвени игри со кои ние бевме цело време надвор. Тоа е најголемата разлика. Сега децата се заглавени на телефони, таблети, компјутери и играат заедно во виртуелниот свет на интернетот – вели Емин и сериозно додава: „Јас првиот компјутер си го купив на 26 години“.

„Комодоре“ немал, ама затоа имал инструменти. Сакал да свири. И свирел и се вљубувал во музиката. Неговиот татко, еден од доајените на македонската музика, му ги купувал омилените играчки.

– Кога бев мал, многу сакав да имам компјутер. Си замислував како ќе програмирам разни програми или како што денес ги викаме – апликации. Сепак, првиот компјутер го купив на 26 години. Од друга страна, како дете имав многу музички инструменти на располагање и секогаш татко ми беше подготвен да ми ги купи дури и најскапите инструменти. Сите тие играчки беа повеќе од фантастични.

Мајка ми беше построга, а татко ми глумеше сериозност

Посериозно почнал да се занимава со музика во групата „Архангел“, а тука се и проектите со Проџект жлуст, Д.Н.О, со Тони Китановски, Бодан Арсовски… Продолжил како хорнист во Националната филхармонија, а денес е мултиинструменталист, автор и диригент, ја оствари големата желба од минатото. Така Емин со ретката коса, денес ги направи спектаклите „Скопје за Боуви“, „Пинк Флојд“, „Музика универзалис“, „Париз те сакам“, „Neuland Sensorium“… А, пред само триесетина години, додека со татко му ги учеле првите ноти, неговите сестри му помагале да ја крене хармониката која била поголема од него.

– Татко ми глумеше строгост, а мајка ми беше таа со која поминувавме најмногу време. Мислам дека мајка ми беше построга со нас во воспитувањето и сметам дека заедно со татко ми имаа големо влијание во развивањето на чувството за меѓусебно почитување. Мајка ми и татко ми, откако знам, за мене зборуваат само во суперлатив, така што што и да кажам нема да биде релевантно и реално. Знам дека бев сакано дете и таа љубов, која е незаменлива, сè уште ја чувствувам. Мислам дека самодовербата најмногу се гради во тој период и мислам дека моите малку претерале со мене – раскажува низ смеа Емин.

Бев скроз одличен, ама и бегав од часови

Додека многу од денешните деца си легнуваат со цртан на мобилен, детството на кое Емин се сеќава е она со цртаниот филм во седум и петнаесет и веднаш в кревет.

– Зиме го гледавме цртаниот филм во 19:15 и во 19:30 одевме в кревет. Имавме само две програми на телевизија, од кои втората програма завршуваше во 20:00 часот. Летно време, кога деновите се подолги, се случуваше да заглавиме на улица до подоцна, додека не се стемни – се сеќава Емин на детството, но и на школските денови, на бегањето од училиште, на петките.

-Бев скроз одличен и првенец на генерација. Покрај оваа страна на добар ученик, многу често знаев да бегам од часови од основно школо со другарите за да пушат цигари или да играме пинг-понг.

Со тие другари, но и со оние од маалото, и ден-денес има контакт, но средбите се ретки, ама кога ќе се видат, сè е исто како кога биле деца.

Корените на успехот и грижата за семејството почнуваат во детството

Денес е сосема поинаку. Маалските клупи се само на поубавата страна од сеќавањата, другарите секој по својот пат, па така и Емин. По светот, со музиката, па дома со саканите, со семејството. Со нови предизвици, деца, воспитување…

Фото: Маја Аргакиева

– Не знам дали е возможно денес да се користат истите методи на воспитување како што бев воспитуван јас, но се трудам да ги задржиме принципите на традиционално семејство. Мене ми е многу важно покрај сите зададени задачи и забрани, сепак, на некој начин да си ја зачуваат слободата на израз и избор – вели Емин.

Денес, кога музичкиот сон е остварен, кога мајсторски умее со нотите, инструментите, аранжманите и со диригентската палка, враќањето во детството ги открива моментите кои токму во тие години, во семејството Џијан, влијаеле за да стаса онаму каде што е сега.

– Она што од детството најмногу влијаеше врз мојата денешна кариера е фактот што татко ми е музичар кој ме внесе во светот на музиката на едноставен, природен начин. Тој пристап ми помогна да можам да разликувам добра од лоша музика или уште поточно музика која ми се допаѓа или не. Уште како дете имав можност да слушам и да свирам најразновидна музика и најверојатно тоа искуство ми помага во тоа што го работам денес.



912

X