Во Министерството за образование и наука (МОН) велат дека иако бараат, засега нема решение за проблемот. Натпреварите се одржуваат во викенди, а МОН не можело да им се меша на организаторите во одлуките за датумите
Совпаднатите термини за одржување училишни натпревари по различни предмети и годинава предизвикуваат главоболки за родителите чии деца сакаат да се натпреваруваат по неколку предмети. Додека во Министерството за образование и наука (МОН) велат дека бараат, ама засега нема решение за проблемот, учениците се разочарани оти не можат да учествуваат на сите натпревари за кои се подготвувале. Дел од професорите, пак, коментираат дека мора да се натпреваруваат само талентирани деца, а не сите за кои ќе се уплати.
Неодамна Владимир Данилов, родител на основец, преку отворено писмо објавено на Деца.мк реагираше за одлуката на Сојузот на математичари во врска со датумите на одржување на државниот натпревар, кој се поклопува со натпреварот закажан по предметот англиски јазик.
Натпреварот треба да е наменет за врвните 2-3 отсто талентирани деца во Македонија по конкретниот предмет. Не смее да е како што е сега, со уплата од 200 денари за учество да се „натпреваруваат“ 20 илјади ученици на ниво на држава. Тоа е апсурд, вели проф. д-р Миле Јованов.
Директорите реагираат, но…
„Далеку сте вие од сериозна организација со строги принципи на работа кога трипати менувате термин за еден натпревар за на крај да го изберете најлошото можно решение – совпаѓање со натпреварите по англиски јазик, а да не се лажеме, без намера да се потценат останатите предмети, најголема тежина за запишување во средно училиште имаат токму овие две дипломи (математика и англиски)“, напиша Данилов во отвореното писмо до Сојузот на математичари.
Даница Блажевска, директорка на Основното училиште „11 Октомври“ во Центар, вели дека периодов има многу реакции од родители за овој проблем.
– Се случува исти деца да треба да одат на натпревар и по математика и по хемија. Здруженијата очигледно не се искоординирани штом се случува во ист ден да ги закажуваат натпреварите. Ние, директорите, реагираме до нив, но сепак треба нешто да се направи зашто децата се во недоумица, треба да избираат каде да одат, а има деца што имаат афинитети за повеќе предмети. Пред да ги закажат термините, треба подобро да се организираат – смета Блажевска.
Бараме решение за терминот со математичарите
Александра Поповски-Голубовиќ, претседателка на Асоцијацијата на наставници по англиски јазик ЕЛТАМ, вели дека и сега, исто како и лани, има поклопување на термините за полагање.
– Во моментот ги разгледуваме сите можности да најдеме решение. Треба да искомуницираме со математичарите бидејќи тие влегоа во нашиот термин, на 11 мај, за кога е закажан државниот натпревар. Нас, во секој случај не нè интересираат родителите или наставниците, нас нè интересираат децата и ние ќе направиме сè за тие да не бидат оштетени на каков било начин. Инаку, освен правилниците што ги доставуваме до МОН, мора да доставиме и тригодишен план за работа, што значи дека веќе си имаме прецизни датуми за сите три години, до 2020. Поради одработувањето на саботите кое не очекувавме дека ќе се случи, сè се испроблематизира – вели Поповски-Голубовиќ.
Таа појаснува дека не може натпревар да се одржува во работен ден бидејќи училиштата немаат капацитет да примат голем број деца.
– Имаме, на пример, шест генерации ученици, односно околу 350 деца на ниво на град Скопје кои се натпреваруваат. Во работен ден ниедно училиште не може да прими толку деца. Од друга страна, мора да има промени во однос на тоа, на пример, едно дете да се фокусира на еден предмет во кој е навистина добро за во иднина да нема вакви реакции на родители. Вршењето притисок врз детето на тој начин што родителот го праќа на пет натпревари не е во ред – смета Поповски-Голубовиќ.
Многу работи, според неа, не се регулирани и треба да се средат заедно со одговорните во МОН. Тие барале средби како здруженија, но министерот не им одговорил на барањето.
– Нè викаат само кога имаме акредитација за објавување или кога недостига некој печат или потпис. Но за суштинскиве проблеми не нè викаат – додава таа.
Не може едно дете да оди на 12 натпревари
Проф. д-р Миле Јованов, претседател на Здружението на информатичари, за Деца.мк вели дека периодов мака мачат со совпаднати термини.
– Проблемот е во тоа што периодот за натпревари е овој, деновите се тие. Ќе има и неработни денови поради Велигден, има претседателски избори, па доаѓа 1 Мај. Остануваат три-четири викенди вкупно, во кои треба да се одржат 30 натпревари и тоа е тоа. Меѓу здруженијата може да има координација, но проблемот е во тоа што дел од здруженијата сметаат дека натпреварите се како еден обичен тест од материјалот. А, всушност, треба да е наменет за врвните 2-3 отсто талентирани деца во Македонија по конкретниот предмет. Не смее да е како што е сега, со уплата од 200 денари за учество да се „натпреваруваат“ 20 илјади ученици на ниво на држава. Тоа е апсурд. Добро е да се наоѓаат решенија за да се намалат поклопувањата на термините, но и родителите треба да разберат дека не може еден ученик да учествува на 12 натпревари – вели професор Јованов.
МОН: Нема чаре
Во Министерството за образование и наука (МОН) велат дека секогаш контактирале со здруженијата што ги организираат натпреварите за да најдат решение кое ќе ги задоволи сите, но со оглед на големиот број, некогаш е невозможно да не се поклопат деновите.
– Имајќи предвид дека се работи за голем број ученички натпревари кои се организираат по речиси сите предмети, и тоа најпрво на општинско ниво, потоа на регионално ниво и на крајот на државно ниво, може да се случи да дојде до преклопување на термините на два натпревара. Здружението на наставници во тригодишен календар за организирање на натпревари ги утврдува термините за спроведување на натпреварите. Запознаени сме со предизвикот и разговараме за негово надминување. Сепак, на крајот одлуката ќе ја донесат самите организатори на натпреварите – велат во МОН.
912