Поразговаравме со наши лекари и за статистиката која треба да нè освести, како и тоа дали децата треба да се стават на строги диети, како успешно да се менуваат лошите навики и да се направи систем на исхрана. Тие велат дека и здравата храна може да биде вкусна, а навиките треба да се менуваат постепено

Зголемената телесна тежина и дебелината се чести проблеми за сè повеќе деца. Децата јадат многу нездрава храна, многу од нив претеруваат со седење пред компјутер, немаат физичка активност. Неретко, според лекарите, родителите не се соодветен пример и за здрава исхрана и за активности, а причини за сето тоа има многу.
За статистиката која треба да нè освести, како и тоа дали децата треба да се стават на строги диети, како успешно да се менуваат лошите навики и да се направи систем на исхрана, поразговаравме со наши лекари. Тие велат дека и здравата храна може да биде вкусна, а навиките треба да се менуваат постепено.

Извор: Институт за јавно здравје

Најдобар совет, според лекарите, е да се внимава на дневниот калориски внес и да се заменуваат прехранбените производи што се богати со калории со производи што се богати со нутритиенти, а да се пијат пијалаци што содржат релативно малку калории.

Податоците на докторите од Институтот за јавно здравје покажуваат дека околу едно од три момчиња или девојчиња во основно училиште е со зголемена телесна тежина. Само едно од три училишта нема реклами и маркетинг за нездрава храна и пијалаци.

– Условите за исхрана и физичка активност можат да бидат подобрени во повеќето училишта.
Времето посветено на часовите по физичко воспитување може да биде зголемено на државно ниво. Научните докази покажуваат дека најголем број деца што се дебели ќе бидат дебели и како возрасни – велат од Институтот.

Модерен живот, многу стрес…

Модерниот, брз начин на живот, според Корнелија Ѓорѓиеска, доктор по општа медицина, со себе носи мнoгу предности. Но, паралелно со тие предности доаѓаат и многу недостатоци – стрес, зголемена телесна тежина, неактивност…
– Сето тоа се рефлектира врз нашето здравје и може да доведе до појава на болести. Еден од најголемите проблеми со кои секојдневно се соочуваме е дебелината. Денес тој факт е сè почест и покрај тоа што сме свесни за несаканите работи што доаѓаат во прилог со неа. Дебелината, всушност, претставува водечка причина за смрт во светот, која може да се спречи со зголемувањето на преваленцијата кај возрасни и кај деца. Претставува еден од најсериозните јавни здравствени проблеми на 21 век токму поради тоа што со неа се зголемува веројатноста за појава на разни болести, особено срцеви заболувања, дијабетес тип 2, тешкотии во дишењето во текот на спиењето, некои видови рак и остеоартритис – објаснува д-р Ѓорѓиеска.

Д-р Корнелија Ѓорѓиеска

Таа вели дека сите сме сведоци на денешната вистина – дека процентот на гојазни (дебели) луѓе и деца е висок и секојдневно расте. Категорија на највисок ризик секако дека се децата и тинејџерите.
-Причини за тоа се недоволна физичка активност, неправилна и недоволно избалансирана исхрана, претеран внес на газирани пијалаци, долгото седење пред компјутер, недоволен сон… Постојат многубројни начини за сето тоа да се промени – вели д-р Ѓорѓиеска.

НЕ за строгите диети

Нашата соговорничка не препорачува строги диети.
– Тие можат да доведат до намалување на телесната тежина за краток временски период, но имаат само штетно дејство поради нивниот јојо-ефект, со кој за многу кратко време може да се вратат изгубените килограми, дури и да се зголеми масата што детето ја имало претходно. За да се задржи постојаноста на намалената телесна тежина, секако, неопходна е и одредена физичка активност и намален калориски дневен внес – објаснува докторката.
Со вклучување на здрави компоненти во исхраната, силна мотивација, физичка активност може многу лесно да дојдете до препорачаните килограми. Како?

Многу вода, бибер, кари….

Водата, според нашата соговорничка, претставува најдобар извор на детоксикација на телото, ослободување од слободните радикали и подобрување на варењето на храната.
Чилито, биберот и карито, доколку се воведени во детската исхрана (во зависност од годините на детето и вкусот), придонесуваат за забрзување на метаболизмот и полесно согорување на дневниот внес на калории. Исто така, зачините позитивно влијаат и врз крвотокот, а овозможуваат срцето со помалку работа да го постигне истиот ефект.

Лекарите препорачуваат што повеќе бои во чинијата

Излажете го мозокот

Една од вообичаените техники со кои ќе се натерате себеси, а и детето да јадете помалку е ако употребувате помали чинии, зашто изгледаат пополни отколку што се, па на мозокот му се причинува дека има или изел повеќе храна. Докажано е дека дури и бојата на чинијата може да влијае врз тоа колку ќе се изеде.

Физичка активност

– Комбинирани кардио и стомачни вежби со балансиран интензитет се полн погодок за телото. Добро е да се практикуваат што е можно повеќе активности, во поголеми временски интервали, барем 3-4 пати во текот на неделата – вели докторката.

Природата е огромно богатство и навистина е грев да не се користи. Колку повеќе е детето во природа, толку повеќе растат можностите за негова физичка активност, но и радост.



912

X