Си имаме наша традиција, култура и вредности кои се засновани на извидничките закони и сите се водиме по нив. Преку извидништвото и програмата се придонесува за правилен психички, социјален, емотивен и духовен развој кај децата, вели Снежана Јанковиќ, началник на Првиот скопски извиднички одред

Извидништвото е една од најинтересните активности од која децата можат многу да научат за животот. Во светот постојат повеќе од 40 милиони извидници кои ги делат буквално истите вредности како и нашите.
Деца.мк сака да им го доближи извидништвото на децата и на нивните родители.

Првиот скопски извиднички одред (ПСИО) е основан во 1952 година.
Разговараме со Снежана Јанковиќ, началник на ПСИО. Tаа е извидник од дете, од шесто одделение. Почнала во групата нарекувана патроли, а во средно му се придружила на клубот на ПСИО.
– По само три години станав водач на група извидници и останав во извидничкиот одред до ден-денес. Меѓу другото, како одговорна за програма во ПСИО, јас сум и водач на три групи извидници, Кактуси, Кобаја и Бонсаи, но и координатор на проект поддржан од Цивика мобилитас, кој ни овозможува социјална инклузија на деца со помалку можности – односно вклучување на сите деца кон извидниците – објаснува Јанковиќ.

Што, всушност, претставуваат извидниците

Извидниците се невладина, волонтерска организација отворена за сите и не познава никакви граници, ниту социо-економски статус, ниту вера, култура…
– Ние, извидниците, си имаме наша традиција, култура и вредности кои се засновани на извидничките закони и сите се водиме по нив. Преку извидништвото и програмата се придонесува кон правилен психички, социјален, емотивен и духовен развој кај децата. Ние помагаме да се изгради еден подобар свет, каде што тие се самоисполнети како индивидуи кои понатаму треба да станат совесни граѓани и корисни за нашето општество – објаснува Јанковиќ.

Децата на извидниците имаат можност да научат спектар на вештини кои на друго место тешко се наоѓаат, продолжува таа. Програмата на извидници опфаќа низа вештарства кои децата ги изучуваат на редовни состаноци за потоа на некој повеќедневен настан да ги „полагаат“, односно да докажат дека ги стекнале.
– На тој начин ги освојуваат тие мали амблеми што ги шијат на своите униформи. Би ги издвоила: прва помош и заштита, рециклирање, ориентација, сигнализација, веслање, пливање, глума, пионерство, планинарење, ботаничар, врзување корисни јазли, декодирање, стрелање со лак и стрели, стрелаштво, познатиот курир – за кој верувам дека им е најтешко бидејќи опфаќа молчење и гладување, од кревање знаме рано наутро до спуштање знаме, скриена порака и Морзеова азбука. Секако, тука е познатиот наш амблем за освојување Добро дело, за кој секоја година треба да се организираат со својот водач и да направат некое добро дело во својата заедница. Покрај овие вештарства, децата на извидници добиваат неформално и формално образование кое сметаме дека е еднакво важно како и основното образование што го добиваат на училиште – вели Јанковиќ.
Децата-извидници учат како да бидат самостојни, да се приспособуваат кон останатите деца и околности, да се снаоѓаат, да делат и да работат тимски. Тие се дружат и со деца од други градови.

Интересот е голем, имаме и листа на чекање

Јанковиќ објаснува дека интересот за извидници е голем, и кај децата и кај родителите. Извидничката година во ПСИО почнува во септември, кога се формираат групите.
– Моментално веќе има повеќе од десет деца кои се на т.н. „листа на чекање“. Нашиот одред брои 110 активни деца извидници на возраст од 6 до 16 години и 13 волонтери-водачи. Сепак, морам да напоменам дека во денешно време некако како да патиме од мрзливост и многу од децата врсници на нашите извидници не сакаат да ни се придружат бидејќи дел од извидништвото е планинарење (хајкови), ред и дисциплина, делење и доста работа, особено кога одиме на камп во природа, каде што тие самите се грижат за сѐ, од миење садови, подготвување храна, носење вода од блиски извори, чистење и слично – вели Снежана.
Атрактивна програма ќе помогне за да се привлечат повеќе деца во извидничките одреди.

– Мотивација кај децата најдобро се постигнува преку атрактивната програма што ја нудат извидниците, но и со дисциплина и почитување. Кога сме на извидници, и самите деца знаат дека не смеат да користат телефони. За тоа не секогаш се виновни децата, туку и родителите кои, верувајте ми, постојано им се јавуваат на децата. Мислам дека заборавиле самите дека тие кога биле деца, не постоеја телефони, а сигурно и нивните родители биле загрижени – објаснува Јанковиќ.

 



912

X