Тоа била една од првите изложби на модерно сликарство кај нас… Држејќи го татка си за рака, изложбата ја посетил и малиот Димитар Кондовски. Кога ги видел сликите на Мартиноски, бил толку возбуден и воодушевен, што самиот решил да стане сликар
Држејќи го татка си за рака, малиот Димитар Кондовски ја посетил изложбата на основоположникот на македонската ликовна уметност, Никола Мартиноски, една од првите поставки на модерното сликарство во Скопје… Кога ги видел сликите, бил толку возбуден и воодушевен, што самиот решил да стане сликар. Многу години подоцна и станал. Академикот Димитар Кондовски денес е еден од нашите најзначајни сликари.
Анегдотата ја раскажува Дита Старова-Ќерими, ликовна уметница и директорка на Националната галерија на Македонија. Оваа институција, како и повеќето музеи и галерии во Македонија, ја негува едукативната дејност и редовно организира детски ликовни работилници. Taa смета дека е исклучително важно да им се овозможи на децата да имаат директен допир со уметноста.
Фото: Национална галерија на Македонија
– Децата се секогаш возбудени и одушевени кога ја посетуваат Националната галерија. Тие се љубопитни и сакаат да дознаат нови работи, да ги шират хоризонтите. Уште повеќе кога станува збор за интерактивна работа во работилниците, каде што имаат можност непосредно да се запознаваат со вештините и начините на изработка на уметнички дела, можат да се обидат да создадат свои уметнички дела – вели Старова-Ќерими.
Жив допир со ликовната уметност
Познат е примерот и со познатиот сликар Омер Калеши, кој учел средно техничко училиште. При една ненадејна средба со големиот скулптор Хенри Мур во 1955 година решил да стане сликар.
– Има многу вакви случаи во уметноста. Соништата од детството се позлатуваат во зрелата доба на уметникот – вели Старова-Ќерими.
Кога децата посетуваат галерија со уметнички дела, тоа не е само уште еден школски час, туку жив допир со уметноста и нејзината магија.
– Преку програмата за едукација се остварува и една друга мисија – сакаме да ја доближиме современата уметност до децата и да го афирмираме детското ликовно творештво. Едукацијата се реализира во договор со училиштата, во изложбениот простор на Националната галерија, за да можат најмалите да имаат непосреден контакт со уметничките дела – вели Старова-Ќерими.
Дита Старова-Ќерими
Така, се организираат работилници и предавања каде што децата можат да ги видат и да се запознаат со тековните изложби, но и со уметничкото богатство кое се чува во Националната галерија. Програмите се приспособени на активностите. Практичната едукација подразбира стручна помош и поддршка преку работа во групи, но и запознавање со ликовни техники и практична работа.
Не е само социјализација, туку и едукација
– Кога се работи за деца, во галериите и во музеите забавата и едукацијата мора да бидат поврзани, осмислени, а тоа значи и привлечни и ефектни. Прашањето за едукација е едно од најважните нешта во работата со публиката, особено со децата. Денес постојат многу работи што ги привлекуваат децата – телевизијата, компјутерски видеоигри или интернет. Потребни се големо внимание во работата и стручност за да се привлече и да се задржи нивното внимание. Во галериите и во музеите постои дополнителен фактор на привлечност – уметнички дела. Но, треба да се пронајде вистински начин делата да им се доближат на децата. Тогаш магијата проработува. Добивката за децата е огромна – вели Старова-Ќерими.
Таа додава дека галериите и музеите во светот обрнуваат големо внимание на разни форми на едукација и вклучување на чувствителни групи – деца на најрана возраст или деца со попреченост.
– Треба да се има предвид дека кога се работи во група, не станува само збор за социјализација на децата, туку за многу посложен процес на едукација, на непосреден допир со стварноста, што е многу важно за оваа целна група. Односот кон стварноста е сосема поинаков кога на децата им се овозможува да ги користат разновидните материјали во работилницата – бои или глина, да работат со свои раце – објаснува Старова-Ќерими.
912