Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработката помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Моето дете заврши прво одделение. Имаме голем проблем со непомнење на она што се учи на час или заборавеност во текот на целата година. Многу често заборава да пренесе дома што кажувала наставничката или што имаат за домашна. Мислев дека тоа ќе биде само на почетокот на школската година, додека трае периодот на адаптација, меѓутоа, не беше така. Имало проблем и со концентрација на часовите – наставничката често ни го потенцираше тоа како проблем. Би ве замолила за совет или да ни предложите вежби за зголемување на концентрацијата и намалување на заборавеноста.

Прашува: читателка

ОДГОВОР: Дали сметате дека единствено вашето дете заборава? Јас искрено мислам дека не е така. Има многу дечиња кои, особено во прво одделение, имаат проблем додека да се навикнат на очекувањата на средината.

Радмила Живановиќ

Вашето дете поминува низ процес на адаптација и учи одредени правила на средината во која се наоѓа. На некои деца им е потребно малку повеќе време за тоа и треба да им го дадеме со многу разбирање и љубов. Не гледајте го првото одделение со ваши очи, гледајте го со очите на вашето дете и ќе видите дека е исто како кога вие влегувате во нова работна средина, па мора сè да научите.

Дали вашето дете пред да тргне во прво одделение имало проблем со концентрација и помнење? Ако имало, тогаш вашето прашање е покомплексно и треба да се работи поинтензивно на утврдување на тоа за какво можно отстапување станува збор. Поточно, треба да се утврди дали навистина има некакво отстапување и дали се потребни други посоодветни интервенции, програми за стимулација на памтење и сл. Ако детето немало проблем со концентрација и помнење, тогаш најверојатно станува збор за поголем стрес при адаптација кој го преплавува вашето дете и тоа не може да се справи со него, па многу му е е полесно да заборава, да е расеано, отколку сконцентрирано.

Јас искрено се надевам дека во второ одделение вашето дете ќе се чувствува посилно и поадаптирано во средината. Она што јас сакам да ве поттикнам е да го набљудувате за време на школскиот распуст и да пробувате со него различни пристапи на помнење некои работи од неговите дневни обврски. Бидете креативни и изгответе потсетник со него, со шарени штипчиња/џебови, во кои ќе стојат обврските дефинирани од вас и од него. Договорете се како ќе ја наградите секоја успешно завршена обврска, а неуспешно завршената обврска враќајте ја за завршување (ниту наградувате за неа ниту, пак, казнувате). Бидете свесни да не го преоптоварите со обврски, а сите дефинирани обврски да бидат договорени со него и адаптирани на негова возраст. На крајот од неделата, седнете сите и направете една рефлексија и евалуација, доделете си некои шарени стикери или каменчиња, кои ќе си ги чува како колекција на сработеното.

Исто така, проверете како запаметува работи (дали е визуелен, аудитивен или е тактилен тип). Тоа многу значи за тоа кои информации преферира да ги памти повеќе, а кои да ги брише. Она на што исто така треба да внимавате е дали обврските што ги завршува се обврски кои најмногу ги преферира и ги сака, и како се однесува со оние што не му се најомилени. Се надевам дека ви дадов креативни насоки за уште покреативен школски распуст?.

Одговара: Радмила Живановиќ, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X