Вљубеник во цртањето со десетици вредни награди. Сака да биде познат уметник или можеби космонаут… Учи јазици, тренира спортови, посетува курсеви и кампови, кажува монолози. Првоодделенецот е и верен другар, љубител на животни и голем фантазер

Почнал да црта на двегодишна возраст, кога се нацртал себеси со мама и тато и Мики Маус. На четири години веќе ја освојува својата прва награда за цртање, а денес, на шест години, слика на професионален штафелај и ниже награди. Обожува животни, особено желки, но се интересира и за планетите и за авионите. Кошарката и пливањето му се големи љубови, ја сака и глумата и секогаш е расположен за одење во театар и кино.
Но, на врвот од сè му е сликањето. Тоа е Дамјан Стефанов, прваче од Скопје.

– Интересот за цртање кај Дамјан постои од најрана возраст. Почна да црта со мрсни боици на еден ѕид дома што ние го нарековме креативно ќоше, каде што на двегодишна возраст кажа дека се нацртал себеси со мама, тато и Мики Маус. Тоа беше период кога ги гледаше цртаните филмови со Мики Маус. Потоа кратко црташе и со дрвени боички и фломастери, а кога во третата година го откри волшепството на мешање боја и вода, почна да црта и со водени и темперни бои. Сега веќе слика и на професионален штафелај со акрилни бои, но најомилена техника и понатаму му е акварелот. Го привлекува и работа со пластелин, моделирање со глина, работа со колажи – вели мајката Анета.

Дамјан со родителите

Љубопитно и активно дете

Дамјан е умно, љубопитно, креативно и активно дете, подготвено за учење и истражување на светот, велат неговите родители Анета и Ристе. Секој ден сака да открива нови работи. Се интересира за планетите, за животните, за бродовите и авионите… Сака да фантазира, но и да поставува многу прашања и постојано е жеден за нови одговор, додаваат тие.
Цртањето му е на прво место, за што говорат и наградите, а освен наградите има и многу сертификати од многубројни курсеви, спортски кампови и програми, како бреинобреин и кошаркарските кампови на Црвена звезда. Дамјан многу сака да ги истражува и планетите, често ги претставува на своите цртежи, а лани учествуваше и на NASA Kids Space Challenge каде што заедно со другарчињата истражуваа за Сончевиот Систем и креираа детска игра „Меморирај планети, ракети и комети“.

– На 4 години ја доби својата прва награда од компанијата „Ладна“ за цртежот „Водната желка“, со која го освои второто место. Оттогаш доби уште две меѓународни први места и уште две награди, едно прво место на државен натпревар за цртеж и едно трето место за креативна изработка. Освен за цртање, награда прво место доби и на натпревар за кажан монолог. Дамјан пишува од 4-годишна возраст, а сега почна да создава и литературни творби и да учествува на конкурси – вели таткото Ристе и додава дека има уште многу награди од земјава и од странство.

Дел од признанијата се: прва награда за цртеж на Меѓународниот ликовен конкурс „13 Ноември“ на Град Скопје, прва награда за цртеж на Меѓународен ликовен конкурс „Уметноста наша инспирација-2018“ на Еуроарт академијата од Штип. Дамјан ја освоил првата награда за цртеж и на конкурсот за ученици од основното образование на тема за осигурувањето на домот и семејството.

Покрај овие награди, Дамјан е добитник и на награда за цртеж на детскиот ликовен конкурс на „Кроација осигурување“ на тема „Мојот дом“. Неодамна му пристигнал и сертификат за учество од Центарот на УНЕСКО „Луј Франсоа“ од Франција, за цртеж на тема „Траги и списи во историјата“.

Кошарка, пливање, најдобрите другари…

Ристе, татко на Дамјан, им е познат на многумина. Поранешниот кошаркарски репрезентативец му ја пренел на синот љубовта кон спортот, па освен што плива и тренира кошарка, посетувал и кошаркарски кампови за млади таленти организирани од „Црвена звезда“.

Да се работи со Дамјан е лесно, велат неговите родители, иако најтешката задача е да се биде добар родител. Велат дека љубовта, разговорот и разбирањето се основата на воспитувањето.

– Во воспитувањето за нас најважна е љубовта. Емоциите се јазикот кој децата најлесно го разбираат. Децата треба да се чувствуваат сакани и прифатени, а емоционалната стабилност сметаме дека е многу важна за во иднина. Затоа сметаме дека темелот на воспитувањето е љубовта кон детето и тоа да стекне способност да дава и да прима љубов. Го учиме да биде благодарен и одговорен, да има самодоверба, да биде хуман, и секако, да стекне здрави навики – од исхрана до спортување – велат родителите на Дамјан и додаваат дека имаат разбирање и го поддржуваат и во неговите детски желби, како и во интересите и афинитетите за дополнителни активности, го мотивираат со разговори, преку пофалба и изненадувања, а најчесто преку лични примери, за, како што велат, да стекне добри навики.

Дамјан сака и глума. Веќе глумел лик на суперхерој во една реклама на телевизија.

– Најдобри другари ми се Марко, Лука, Стефан и Михаил, а најдобри другарки ми се Елизабет, Калина, Катја и Дарија, но се дружам со сите од одделението и од курсевите. Со другарите си играме на одморите во училиште. По часовите, ако има сонце, се дружиме и пред зграда, играме кошарка или фудбал заедно со Ѓорги, Марко, Сара, Димитар, Максим, Петра… Во училиште е забавно, учиме со наставничките Лидија и Ивана, цртаме, влечеме јаже во дворот… Во викендите шетам со мама и тато во парк или си играм. Кога нема сонце, цртам дома. Навечер ми е убаво кога мама ми чита книга или ми раскажува приказни пред спиење, а јас си избирам кои животни да учествуваат во приказната и си замислувам што ќе се случува во приказната – раскажува Дамјан и додава дека многу сака и возење велосипед и цртани филмови, особено сказните на Биби.

Прво место на конкурсот организиран од Народна банка, Министерството за финансии и Агенција за супервизија на осигурувањето

Кога ќе порасне, сака да биде уметник. Но понекогаш посакува да биде и кошаркар како татко му или, пак, космонаут, а додека да порасне и да се одлучи, тој продолжува да црта и да ги истражува животните. Особено желките, кои му се омилени.
– Ги сакам бидејќи ме потсетуваат на цртаниот филм „Нинџа желки“. Во Охрид, во дворот на црквата „Света Софија“ има едно семејство желки и на секоја од нив ѝ имам дадено име од цртаниот филм, а кога одиме, ги посетувам и ги хранам – ни раскажа Дамјан.

Тој е дете полно со љубов.
– Љубовта е она што патува од срцето и во срцето. Љубов е со некого нешто да делиш. Љубов е кога некого го сакаш, го гушкаш, му даваш играчки или боици и моливи или ја делиш ужината. Ние и во училиште со наставничките зборувавме за љубовта и цртавме честитки со срца. Научивме дека има разни видови љубов, кон мајка, татко, другарчиња, наставнички, кон училиште, кон природата, има и љубов кон милениче…- објаснува Дамјан, кој посакува да има и своја изложба.



912

X