Родителот може и на ливче да напише дека не дозволува или дозволува детето да прими вакцина. Во текот на епидемијата МРП примиле 8.040 лица
Изјави за тоа дали прифаќаат да им бидат вакцинирани децата што не примиле МРП-вакцина (за морбили, рубеола, паротистис) деновиве стигнуваат до родителите на децата во училиштата. Изјавите првично ги збунија родителите, кои ги протолкуваа како можност за тужба од државата зашто не го вакцинирале редовно детето. Д-р Злате Мехмедовиќ, директор на Здравствениот дом – Скопје во чиј состав се вакциналните пунктови во главниот град, од каде што се испратени изјавите, вели дека тие се за при теренската вакцинација со МРП да не бидат вакцинирани децата за кои нема согласност од родителот.
Досега во текот на теренските вакцинации МРП добиле повеќе од 140 деца. Иако имало проблеми во некои училишта, блокади од родители кои се против вакцинација, според д-р Мехмедовиќ, тие се решени.
Д-р Злате Мехмедовиќ; Фото: zds.com.mk
Може и на ливче да го напише ставот
– Изјавите се испратени за да се вакцинираат само децата за кои има дозвола од родителите. Знаете дека е во тек теренска вакцинација. Нема да биде вакцинирано ни едно дете без согласност од родител – вели д-р Мехмедовиќ.
Изјавата што треба да ја пополнат родители на невакцинирани деца
Инаку, во одредени одделенија стасале премалку изјави што може да се пополнат.
– Нема ништо страшно. Родителот кој не може да дојде во училиште, може да напише согласност или дека не дозволува и на ливче и нека се потпише – вели д-р Мехмедовиќ.
Годинава нема казни, а лани 20 родители платиле за да не им се вакцинираат децата
Од почетокот на епидемијата на морбили, од 2 јануари годинава, ниту еден родител не е казнет поради тоа што не дозволува вакцинација на детето. Кога беше прогласена епидемијата во Скопје, беа регистрирани 15.000 невакцинирани деца. МРП-вакцина во текот на епидемијата примиле околу 8.040 лица.
Д-р Ирина Сотирова-Бухова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДЗСИ), објаснува дека податоците за тоа кои деца не примиле вакцина од вакциналните пунктови ги добиваат квартално и потоа реагираат.
– Ние ги информиравме дека ако ни ги достават порано, ќе можеме порано да реагираме. Досега не се пристигнати – вели Сотирова-Бухова.
Минатата година, според неа, кај нив стасале 110 пријави за невакцинирани деца.
-Родителите беа викнати на порамнување. Тоа значи дека во рок од 8 дена може да платат казна од 150 евра (казната што може да се изрече на суд е од 350 до 600 евра). Таа можност ја искористиле 20 од повиканите. За останатите е поднесена прекршочна пријава пред надлежниот суд – вели Сотирова-Бухова.
Инспекторатот направил контрола на 98 градинки во Скопје и констатирал дека во сите се почитува наредбата за забрана на прием на невакцинирани деца со МРП.
Во текот на епидемијата имаше 3 смртни случаи на деца со морбили, помали од 2 години.
Инаку, 20 пациенти со морбили се хоспитализирани, од кои возрасни се 6, а останатите се деца. Во животозагрозувачка состојба на механичка вентилација е еден возрасен пациент, а во изразено тешка општа состојба има уште два возрасни пациенти и едно дете старо една година.
Не се вакцинираат бебиња од 6 месеци
Во вакциналните пунктови не се вакцинираат со МРП-вакцина бебиња постари од 6 месеци иако Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство даде таква препорака. Лекари велат дека според правилникот со кој работат, МРП-вакцина можат да им дадат на бебиња постари од 9 месеци. За да ја аплицираат на помали од оваа возраст, поради епидемијата, мора да има одлука од Министерството за здравство. Таква одлука нема.
Инаку, според редовниот календар, МРП-вакцина им се дава на бебиња со наполнети 12 месеци.
912