Негативните ефекти од прекумерна телесна тежина се многубројни, а дебелината кај децата е често поврзана и со појава на емоционални проблеми. Според последното истражување, ние се наоѓаме на 10. место во Европа кога станува збор за прекумерен број килограми на децата, што укажува на тоа дека треба да се обрне големо внимание во справувањето со овој проблем. Д-р Наталија Милорадовска, специјализант во Институтот за јавно здравје, објаснува што треба да се смени за децата да стекнат здрави навики, како низ игра да научат да го јадат она што е добро за нивниот организам, а и за тоа колку се ефикасни честите опоменувања за негативните навики
Што е дебелина и што води до неа?
– Наједноставно кажано, внесувањето повеќе калории, во однос на потрошеното, односно тој дисбаланс, неминовно доведува до зголемување на телесната тежина или дебелина. Најчести ризик-фактори се: неправилен начин на исхрана, недоволна физичка активност и лоши животни навики.
Кои се негативните ефекти и опасности за здравјето?
– Негативните ефекти од прекумерната телесна тежина се многубројни. Меѓутоа, оние кои што можеме да ги издвоиме како основни се кардиоваскуларните заболувања, дијабетес и малигните заболувања. Дебелината кај децата исто така е често поврзана и со појава на емоционални проблеми. Овие деца имаат многу помала самодоверба и имаат склоност кон појава на депресија, анксиозност и други опсесивни нарушувања.
Каква е состојбата во Македонија кога станува збор за децата?
– Институтот за јавно здравје е носител на активностите за спроведување на Иницијативата на следење на дебелината кај децата во Европа (COSI). Ова истражување на Светската здравствена организација се спроведува во најголем дел од земјите во Европа со цел да ги истражи трендовите на зголемена телесна тежина и дебелина кај училишните деца. Според последното истражување, ние се наоѓаме на 10. место во Европа, што укажува на тоа дека треба да се обрне големо внимание во справувањето со овој проблем.
Детската хероина Биби направена од храна
Што треба да се преземе?
– Со забрзаниот начин на живеење родителите не посветуваат доволно време за да им наметнат правилна исхрана на своите деца. Центрите за јавно здравје, кои се одговорни за доброто на популацијата, постојано даваат совети, спроведуваат активности, меѓутоа, овде мора да се вклучат и родителите.
Најпрво треба да се почне со промена на начинот на исхрана. Децата треба да јадат што повеќе овошје и зеленчук. Тие треба да се стимулираат да се вклучат во спортски активности што се соодветни за нивна возраст.
Бидете активни како семејство, организирајте заеднички дневни активности, како возење велосипед, излети на планина итн.
Исхраната е единствената значајна одредница која е целосно под ваша контрола. Другите детерминанти, како што се квалитет на воздух и бучава на која сте изложени, климата во вашата околина…, не секогаш може да се контролираат. Но затоа можете да го контролирате она што го внесувате. Односот кон храната е многу важен, и затоа треба да одберете храна која ќе придонесе за подобрување на вашето здравје, односно разновидна и урамнотежена исхрана. Тие претставуваат основа на нашето здравје.
Идеи за креации со храна на д-р Милорадовска
Дали честите опомени имаат позитивно влијание врз тоа како јадат децата?
– Честите опомени може само делумно да влијаат врз правилниот начин на исхрана кај децата, но исто така може да дадат и негативен ефект. Ако постојано им наметнувате нешто, под изговор „ова мора да го изедеш“, детето по одреден период ќе создаде одбивност кон тие намирници. Овде многу поважно и клучно е кој е начинот на кој сето ќе биде претставено пред детето. Овде можат да се вклучат сите членови на семејството и преку разни креативни игри, асоцијации да се наметне таа исхрана, која е особено важна за правилен раст и развој.
Возрасните што се грижат за детето треба да му обезбедат соодветна стимулација. Релацијата помеѓу детето и родителите е особено важна за правилниот развој. Односот кон себе детето го гради врз основа на родителската реакција кон него. Врз основа на тоа како родителот постапува со него, какви коментари му упатува, на кој начин родителот му укажува на детето што е правилно, а што не, кога го пофалува… Заедничките игри, дружби, вклучувањето на креативноста, хармонијата, одлично помагаат во восприемање на овие здрави навики, меѓу кои се разбира е правилната исхрана, која е клучна за детето.
Раното детство е најранливиот период во развојниот стадиум на човекот. Токму затоа, правилната исхрана во овој период е клучна и зазема централно место. Предучилишниот период е многу важен за изградба на здрави навики, а преку едукација на децата, игри, работилници, може да го воведеме тој здрав животен стил и на тој начин да ги намалиме ризик-факторите за заболувањата подоцна во животот.
Слични содржини:
Куклите, количките и замоците на Наталија – креативни и бесплатни идеи за искористување на отпадот
912