Тргајќи од прашањето што ќе мислат или речат другите луѓе за нас, честопати како родители упатуваме пораки со скриено значење кон децата, во кои е скриен стравот од туѓото, т.е. колективното мислење

Христина Стефановска

Многу работи почнуваат од едно традиционално балканско прашање, а ретко кој му дава одговор. Страв од туѓото мислење, страв од тоа што ќе кажат другите, кој што ќе мисли, е толку застапен страв од кој многумина не можат да уживаат во сопствениот живот и целосно го парализираат.

Тргајќи од прашањето што ќе мислат или речат другите луѓе за нас, честопати како родители користиме имплицитни пораки упатувајќи им ги секојдневно на децата, пораки со скриено значење во кои е скриен стравот од туѓото, т.е. колективното мислење, стравот од тоа да не ни се наруши угледот што сме го постигнале во околината.

„Што ќе кажат другите ако се разведам? Само поради децата не го правам тоа, да не се срамат од луѓето“. Ги растеме децата со таа порака постигнувајќи ефект цел живот да чувствуваат вина мислејќи дека ви го уништиле животот. Тие растат и еден ден заминуваат од домот, а родителите остануваат во бракот. Продолжуваат со темпото да не зборуваат и по неколку месеци, да спијат на одделни кревети, да се дружат само кога треба да излезат со луѓето и не се разведуваат, но оставаат децата да ги лекуваат фрустрациите.

„Биди мирен, не викај! Што ќе речат другите за тебе?“ Во овој случај не му поставивте прашање на детето, туку забелешка, коментар кој зборува за вашето мислење за детето, а му пренесува: „Не те разбирам, не те прифаќам таков/ва“.

„Учииии! Како да не си мое дете, ние сме со факултет, што ќе речат другите за тебе?“ Повторно тоа е пораката: „За ништо не те бидува“. Со ваквиот начин на комуникација постигнувате детето да се чувствува инфериорно и кон вас како родители и кон средината, да има лоша слика за себе и ниска самодоверба.

А да застанеме и веќе еднаш да си го одговориме прашањето: „Што ќе речат другите за мене?“

Што може да мислат? А потоа размислете и за овие прашања и одговорете си ги, можеби ќе откриете нешто!
– Од чие мислење најмногу се плашам?
– Кого го сметам за авторитет?
– Кој најмногу ме критикува, осудува или исмејува?
– Чие внимание го сакам?

Авторката е лиценциран психолог



912

X