Колкави се трошоците на семејствата за овој повод? Секој главно се однесува според желбите и можностите – некои родители и деца се поскромни, па не трошат многу пари за подготовка, но има и родители кои не штедат кога се работи за прослава од ваков вид. Колку се претерува?

Ова е период од годината кога се во тек подготовките за прослава на полуматурата. Колкави се трошоците на семејствата за овој повод? Секој главно се однесува според желбите и можностите. Некои родители и деца се поскромни, па не трошат многу пари за подготовка, но има и родители кои не штедат кога се работи за прослава од ваков вид. Организираните прослави за деветтоодделенците почнуваат во последните денови од мај и траат до пред крајот на учебната година.

Алманах, ресторан, гардероба, екскурзија…

Јана Д. од населбата Автокоманда годинава завршува деветто одделение. Планира да се запише во средно економско училиште. Мајка ѝ вели дека според груба пресметка, завршувањето деветто одделение на нејзиното девојче ќе чини повеќе од 37 илјади денари.

– За ресторанот што го организира училиштето плативме 850 денари. Алманахот и сликите чинат 850 денари. Ќе славиме и приватно во кафеана, а тоа за 40 лица ќе чини околу 25.000 денари. Облеката на полуматурантката исто така чини многу, фустанот го плативме 4.500 денари, чантата 800, штиклите 3.500, а балетанките 700 денари. Освен тоа, ноктите, шминката и фризурата чинат 1.300 денари. Овде не ја вклучувам облеката за мене, мојот сопруг и синот, дотаму уште не сме стасале. Трошок голем е целава прослава, но ете, се мора. Секој месец купувавме по нешто за да не ни дојде наеднаш, но, сепак, севкупно е многу – вели мајката на Јана.

Фото: Outdoor Wedding Lights

Трошоците за прослава на полуматурант знаат да бидат исто така големи како и за девојче.

– Првично сликите со алманах нè чинеа 750 денари, па ни побараа уште 50, па уште 50 денари. Значи, само за тоа 850 денари. За ресторан треба да платиме 850 денари. А пред две недели беа на екскурзија, за што платив 3.000 денари. За гардеробата, чевлите уште не сме ги купиле, планирам да одвојам околу 6.000 денари. Прослава приватно во кафеана не планирам да правиме. Па не одбранил докторат за да правам такво нешто. Дома ќе дојдат само најблиските, но и за подготовка на храна и пиење сигурно ќе ми требаат околу 3.000 денари. Како и да е, моето дете е скромно, па не бара дополнително некакви скапи подароци, како што бараат некои други деца – вели Цветанка М., мајка на деветтоодделенец во Општина Аеродром.

Се троши и на подароци за партнерите

Наставниците со кои поразговаравме на темава велат дека секоја година сè повеќе се претерува во славењето на полуматурата. Во некои училишта деветтоодделенците купуваат и подароци за своите партнерки, а исто така родителите треба да дадат пари и за после забавата, односно за следното утро, за блех-музичарите што доаѓаат да ги забавуваат децата во училишниот двор.

– Интересна тема за анализа е во што се претворија полуматурските прослави. Дали славењето на крајот на основното образование треба да личи на бал, односно дали ова славење треба да изгледа како свадба? Во Општина Аеродром се слави во кафеани, ресторани со народна музика и плус со диџеј. Родителите трошат премногу пари, а според мене, непотребно – вели наставничка во едно основно училиште во Аеродром.

Нè прави ли среќни споредбата со другите?

Живееме во време кога е важно децата нешто да имаат, а не нешто да знаат.
Проф. д-р Софија Арнаудова, психолог, која предава неколку предмети на Филозофскиот факултет, меѓу кои и социјална работа со деца и млади, вели дека, за жал, денес децата растат во идеологијата на консумеризмот, а тоа е единствената идеологија што ја имаме.

– Додека полуматурантите, па и матурантите цврсто ќе спијат, уморни од целовечерната прослава, нивните родители ќе бидат будни и со калкулаторот в рака, ќе се обидуваат да најдат ,,нов трик“ за да го покријат минусот на сметката. Сепак, тие ќе бидат навидум среќни и задоволни што нивните ,,принцези и принцови“ ќе имаат барем една кралска ноќ, кога девојките ќе носат фустани повредни од платата на мама, фризура и „професионална“ шминка, на која отишла цела плата од тато, ќе личат како да имаат 24 наместо 14, а момците, наместо со цвеќе в рака, по своите партнерки дошле со роднина/пријател со изнајмени луксузни возила. Но дали споредбата со другите нè прави среќни и задоволни? И колку долго трае таа среќа? За жал, денес децата растат во идеологијата на консумеризмот, а тоа е денес единствената идеологија што ја имаме. Вкусовите се моделирани од интернет и модни инфлуенсери, а гардеробата и изгледот како начин на живеење станаа рамката во која се движат речиси сите генерации – вели проф. Арнаудова.

Проф. д-р Софија Арнаудова

Проблем: Побитно е да имаат наместо да знаат

Таа потенцира дека наместо клучна тема да биде каде ќе го продолжат своето образование и каде се гледаат во иднина, учениците разговараат единствено за тоа како ќе изгледаат на полуматурскиот ,,бал“ и како ќе ја поминат последната заедничка вечер со врсниците.

– Притисокот и за учениците и за родителите е огромен, а проблемот се јавува кога некој не може да ги исполни барањата наметнати врз него. Навистина се трудам да ги разбирам, иако не ги оправдувам. Според нив, оценката за тоа колку вредат зависи од тоа колку сте тренди. А од друга страна, трендовите постојано се менуваат. Тоа е фрустрирачко за родителите, но често тие се виновници бидејќи тие не се стремат да им го сведат на минимум глобалното влијание врз децата. Клучниот проблем лежи во потрошувачкото општество, од кое некогаш бегавме, а во кое денес живееме, односно живееме во време кога е најважно децата нешто да имаат, а не нешто да знаат. Децата, па и родителите, повеќе сакаат да покажат како ќе изгледаат таа вечер наместо да чекаат неколку години за да завршат средно, факултет, да се вработат, да станат успешни и да покажат колку навистина вредат. Родителите сакаат да ги израдуваат децата, па дури и кога немаат пари, тие ќе се позајмат со изговор дека полуматурата се случува „еднаш во животот“ – додава професорката.



912

X