Што најмногу ве нервираше откако се породивте и што би ги советувале идните мајки? Ова прашање им го поставивме на десетици мајки, кои со нас ги споделија своите искуства

Новороденчето сосема ги менува животите на членовите во семејството. Сепак, мајката е таа што се соочува со најмногу нови ситуации, учи како да ги менаџира и постепено се приспособува. Тој процес знае многу често да биде напорен, а практиката покажува дека во голем број случаи, најчесто по првата бременост, мајките страдаат од постпородилна депресија.

– Во тој период сè ги нервира мајките. Се препотуваат додека ги дојат бебињата, па се нервираат што не ја фаќаат градата, па имаат прашања дали ќе кака, па зошто кака зелено, па зошто не какаше три дена. Креваат притисок, па одат на дежурен, исплашени се… Ова им се случува на оние мајки што имаат похиперактивни бебиња. Сите тие промени што им се случуваат во телото, неспиењето и дилемите околу бебето ги заморуваат мајките и како последица на тоа се јавува постпородилна депресија. Затоа треба да соработуваат со својот педијатар. Тој треба да им објасни што ги очекува, дека сето тоа што се случува е нормално – вели педијатарот д-р Весна Стојанова-Атанасовска.

Христина Стефановска, лиценциран психолог, вели дека раѓањето на детето може да поттикне различни и бурни емоции кај мајката. Од возбуда, радост до состојба на психичка вознемиреност, мускулна и психолошка напнатост или анксиозност во која доминира чувството на страв или тага.

– Сето тоа може да резултира со неочекувана состојба која во овој период ја нарекуваме постпородилна депресија. Многу мајки доживуваат постпородилни тешкотии со благ интензитет, кои се карактеризираат со различно расположение, тензија, раздразливост, анксиозност, намалена концентрација, тешкотии во спиењето. Покрај конгениталната тага, во зависност од интензитетот и времетраењето на симптомите, како и опасноста за здравјето на мајката и бебето, постои и постпородилна психоза. Во овој период за жената се многу важни и физичките промени по раѓањето на детето. Покрај драстичниот пад на естрогенот и прогестеронот, хормоните на тироидната жлезда драматично опаѓаат, што доведува до замор и безволност. Промените во обемот на крвта на мајката, крвниот притисок, имунолошкиот систем и метаболизмот, исто така, може да доведат до чувство на замор, забавеност во функционирањето и нагли промени во расположението. На жена која е лишена од сон и воедно е преоптоварена од турбулентните емоции што ги доживува поради пристигнувањето на новиот член на семејството, малите проблеми може да ги перципира и доживува многу големи. Сето ова значи дека една жена за да донесе нов живот на овој свет, поминува низ низа физички, психички и социјални промени кои секако помалку или повеќе ќе повлијаат врз нејзиното ментално здравје и целокупната нејзина психолошка состојба – објаснува Стефановска.

Мојот сопруг глумеше патронажна сестра

– Тоа што моето бебе секогаш знаеше кога сум влезена да се туширам за да почне да плаче неутешно.
Маја

– Проблемот што го имав околу доењето.
Совет: Идни мајки, едуцирајте се многу повеќе за процесот на лактација и бидете упорни во тоа.
Љубица

– Ми се лумпуваше, а ми беше тоа ускратено поради доењето.
Михаела

– Ме нервираа коментарите од типот: „Леле мајка, што ќе правиш сега со близнаци. Јака ти душа. Не сакаш, затоа не ги доиш, не дека немаш млеко. Затоа ќе ти бидат болни, ќе немаат имунитет“.
Ме нервираа сите оние бабини деветини од страна на бабите.
Ме нервираше тоа – јас со гради на мегдан, а некој постојано ко видеонадзор те демне отстрана или ти седи во соба иако ти треба очајно одмор. Солење памет од сите за сè. Сè ме нервираше.
Мој совет е да побараат помош околу домот од баби/жени платени за тоа, доколку се во можност, а тие нека уживаат во тој убав период.
Ане

– Најмногу од сè ме нервираше (покрај помошта) глумење патронажна сестра од страна на мојот сопруг. Да можев, ќе му го дадев да го надои. Бабите не ми се мешаа, секогаш ми помагаа, ама затоа таткото…
Наташа

– Ме нервираше муабетот „Ај догодина машко“. Како девојчето да не е доволно.
Марина

– Најголем совет до идните мајки: Секогаш да си го следат мајчинскиот инстинкт зашто никогаш не лаже. Да не слушаат свекрви, мајки, комшивки… Ако им е потребно нешто, да си прочитаат на интернет и да си најдат педијатар кој ќе им одговара. Од бабини деветини и туѓи мудрувања преку нос ни е на сите.
Ирена

– За третото бебе, штом ќе кажев дека ми е трето, а се гледаше дека е машко, прво ме прашуваа: „Постарите ќерки ти се, нели?“ Одговарав онака како што е, дека имам и ќерка и син и дека не е родено зашто сме инсистирале на машко.
Маја

„Не си многу млада за мајка?“

– Сите знајни и незнајни си даваа право да коментираат. „Ти колку години имаш, не си многу млада за мајка?“, „Па како тоа работиш со бебе?“, „Па како без капа во зима/лето?“, „Како тоа им даваш во кал/песок/земја/камчиња да си играат?“
А со второто: „Лелеее, првово одвај проодело ти пак бебе си родила, здрава ли си?“
Со третото: „Сите се твои? Значи ова најмалку милион пати ме прашале.
Идните мајки би ги советувала да се едуцираат од релевантни извори, а не од групи на „Фејсбук“ и, секако, да си го слушаат срцето и мајчиниот инстинкт.
Maрија

– Прво дете и првата вечер плачење до помодрување, а не знаеш што му е. Ама затоа застанале двете баби над глава и имаа објаснување за сè, дури и си раскажуваа како било тие кога станале мајки. Ги избркав од соба во истиот момент.
Цветанка

– Ме нервираа негативни коментари од типот имаш млеко/немаш млеко, дали ти е доволно јако млекото. Сè во врска со доење што не вклучува безрезервна поддршка и охрабрување.
Искра

– Ме нервираа нереалните, „розови“ и „совршени“ претстави на она како треба со бебе од „искусните“ мајки. Затоа и сега им аплаудирам на сурово реалните. И уште нешто што не ме нервираше, туку дополнително ме разочара беше какви сè квазипретстави треба да глуми мајката пред околината: „Не жали се“, „Кажи каква љубов, а?“, „Слушај други, остави ги книгите“ и слично!
Ана

„Намерно сакаш да го одбиеш бебето од цицање за да шеташ“

– Ме нервираше притисокот од околината дека по секоја цена мора да се дои. Осудувачки коментари и погледи на секое мое – не можам повеќе. Мислеа дека намерно сакам да го одбијам бебето за да шетам повеќе, дека сум немајка, со еден збор. Згора на тоа, се породив со царски рез – плус повод за етикетирање. Резултатот беше ненапредување во тежина, 200 грама месечно, 3 месеци по ред, живи рани и рагади на градите и бејби-блуз за мајка гратис.
Совет за идните мајки? Да си го слушаат инстинктот. Повеќе странска литература, помалку женски домаќински муабети.
Васка

– Шок од болката и обврските што те навјасуваат, во еден миг никој не те разбира, совршени мајки на секој чекор (читај социјални мрежи), кои иако се со подочници до колена и болни во душите, сепак имаат засукано пита и се многу среќни со своите мажиња.
Ирина

– „Не ти е јако млекото, да го испитаме“. Па не сум крава, да му се сневиди.
Смиља

– За првото дете ме нервираше свекрва ми зашто се правеше дека не знае ништо, а две деца и двајца внуци одгледала, па јас сè сама си правев. За второто дете ме нервираше сопругот бидејќи во сè се мешаше. А за третото дете ме нервираа сите бидејќи ме учеа како треба. Е каде беа за првото? После три деца, јас сè си знам.
Ерика

-„Што ти текна трето дете?“
„А зошто царски, оди си бре природно“.
„А да не го храниш ти многу, ептен е дебело?“ „Изнеси ја надвор сонце да ја види, види каква е бела“.
„А да не е урочено, да го носиме од клинци да му баеме“.
„Третово за парите го роди?“
Дона

– Сè ме нервираше, особено кога се мешаа околу чувањето на детето. Ама јас сум пис на јазик и решавам сè брзо и в лице.
Елена

– Јас нервозна кога плаче, кенка, а тие: „А да не му се јаде? Дај му да јаде или жедно да не е?“ Како јас да не знам, па мора друг да ми каже.
Трајанка

– Кога се роди второто, најмногу ме нервираше она: „Не жали се, јас ем на работа одев ем три деца исчував“. Или муабетот: „Моите деца до две години само спиеја, не видов никаква мака“. Немој, жити се.
Елена

Баба му го облекуваше во волнени елеци

– Најмногу ме нервираше облекувањето на бебето со волнени елеци и капата „кралска“ со карнери од страна на бабата. Значи уште се ужасувам кога ќе се присетам на тоа.
Татјана

-„А не го доиш? Ооо сирота… се молзиш? Леле, не ти е тешко? Абе ајде, не глупирај се, не вреди“. „Царски се породи? Да. Ааа, е па не е страшно“. „Ама ти не си упорна да доиш, не давај му шише, ќе цица, што ќе прави кога ќе огладне? Откако дехидрира и животот му висеше на конец: „Море дај му шише, не малтретирај се“. „Ти се погодило бебето!“ Ова најмногу ме вадеше од такт, како да сум неспособна да си го гледам сопственото дете, па ми се погодило и среќна сум за тоа.
Ангела

– Најмногу ме нервира неспиењето, а за коментарите од другите не се замарам. Ги родив зашто сакав и не реагирам на провокации. Недостигот на сон ме исцрпува.
Маја

„Чувствува дека си напната, затоа и тоа е такво“

– „Бебето чувствува дека си напната, затоа е такво нервозно. Гледаш на онаа како бебето ѝ спие цело време?“
Ана

– Најмногу ми пречеа коментари, совети и лични искуства на мајките, особено на блиските. Кога ќе ми кажеше некоја: „Јас вака ги чував“, а чувала пред 30 години. Во ред е да ми даде некој совет ако прашам, но сè и сешто се изнаслушав.
Славица

– Со првото ме нервираше што имав млеко за извоз, а ме напнаа за адаптирано млеко, па се молзев четири месеци и ми секна. Затоа за второто не фермав никого, сè ми оди како по книга
Совет: – Не замарајте се со никој околу вас, целото време посветете му го на бебето. Секој што сака да помогне нека готви, чисти, пегла, пере.
Христина

– „И како е со тројка, три бебиња одеднаш, нам и со едно ни е тешко?“ Секое второ прашање. Јас секогаш одговарав: „Јас  немам поим со едно како е, а инаку мислам дека ми е потешко од вас“.
Ирена

– Најмногу ме нервираа непотребните совети. На идните мајки би им советувала да уживаат во најубавата улога што животот може да им ја подари, да бидат максимално опуштени и да уживаат во секој миг со своето најмило. Среќна мајка – среќно дете.
Кристина

– Ме нервираа коментарите дека Андреа е машко име, како ќе сме ја викале нагалено. Поубаво било Андријана, цело име. А коментарот за мене како трета ќерка е колку се разочарале твоите кога виделе дека пак женско.
Билјана

– Најмногу ме нервираше влошката меѓу нозе.
Елена

– Најмногу ми пречеше, а и денеска ми пречи кога ќе ме прашаат како може едното да е црно, а другото русо. И постојано им велам дека едното е на комшијата, затоа.
Маја



912

X