Живееме во ера на хронични неинфективни болести, меѓу кои сè почесто се застапени алергии и интолеранции на храна. Процената на научниците од Европската академија за алергии и клиничка имунологија е дека 17 милиони луѓе во Европа имаат алергија на одреден вид храна, додека во Америка бројката изнесува околу 15 милиони.
Според студија на Центарот за контрола и превенција од болести, појавата на алергии на храна кај децата е зголемена за 50% во периодот помеѓу 1997 и 2011 година, а бројот на хоспитализирани деца со бурни алергиски реакции е 7 пати зголемен во текот на изминатата деценија.
Бројката на алергични луѓе во развиените земји секојдневно расте, а научниците се обидуваат да ја откријат причината, но засега без јасен одговор.
Дали човечкиот имунитет постепено ослабува и стануваме хиперсензитивни на нутритиентите во храната или, пак, самата храна е до тој степен изменета што човекот веќе не може да ја препознае?
Цветанка Петрова
Прекумерна хигиена
Што е клучот зад алергискиот механизам сè уште е непознато, иако најраспространета е теоријата за прекумерна хигиена. Имено, дете пораснато во средина без нечистотија и микроорганизми, и дополнително третирано со антибиотици кои ја уништуваат цревната флора, не е способно да изгради имунитет отпорен на болести.
А што е тоа во храната што предизвикува такви бурни реакции?
1. ГМО
Генетички модифицираната храна може да го зголеми бројот на веќе постојните алергии или да продуцира нови, непознати алергии. Таков е случајот со генетички модифицираната соја, која ја има во речиси секоја индустриска храна.
2. Адитиви
Со цел храната да трае подолго, да ги задржи својот облик, боја, мирис и вкус, при нејзината индустриска преработка ѝ се додаваат разни супстанции кои се нарекуваат адитиви. Конзерванси, вештачки засладувачи, бои, засилувачи на вкус, средства за врзување и сл. се само дел од супстанциите што нашето тело не ги препознава како храна и може да развие одбранбен механизам во вид на алергија.
3. Антибиотици
Од претходни истражувања е познато дека преголема и прерана употреба на антибиотици може да резултира со појава на алергија.
Цревната бактерија Clostridia помага во спречувањето на алергии.
Уништувајќи ја цревната флора, се зголемува ризикот за појава на каква било алергија.
4.Хербициди, пестициди
Употребата на хербицидот глифосат исто така се поврзува со појавата на алергии затоа што во себе содржи антибиотици. Хемиските супстанции што се користат во земјоделството направија еден вид „стерилни“ земјоделски продукти, кои истиот ефект го пренесуваат и врз човековата дигестивна флора.
Иако овие состојки во храната индиректно влијаат врз појавата на алергии со тоа што го намалуваат/модифицираат имунитетот и тој создава алергиски реакции, сепак, бидете внимателни кога на вашето дете му давате нова храна, уште повеќе ако таа е индустриски обработена бидејќи можноста да ги содржи горенаведените алергени е голема.
Доколку ги забележите првичните симптоми, како појава на црвенило, оток, чешање, исип на кожата, гадење, повраќање и дијареја, веднаш обратете се кај вашиот лекар.
Автор: Цветанка Петрова, инженер-технолог и нутриционист
912