Неодамна објавив колумна, каде исчезнаа 2.333 првачиња од училиштата? Анализата ја правев врз основа на бројот на живородени деца во одредена година, и шест години подоцна кога тргнуваат во школо, вели Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика
За 18 години за 61.000 се намалил бројот на ученици во основно образование во Македонија. Фрапантната бројка е резултат на споредбените бројки објавени на Државниот завод за статистика. Во учебната 2000/2001 година во редовните основни училишта биле регистрирани 249.375, а во оваа учебна година се евидентирани 188.102 основци – вкупно 61.273 ученици помалку.
Дончо Герасимовски
– Бројката е реална. Ако само во учебната 2017/2018 година бројката на ученици се намалила за 4.000, таа е математиката – вели Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика.
Причини има повеќе, вели тој. Наталитетот со години опаѓа – се раѓаат помалку деца и тоа влијае на разликата во бројките. Сепак, тоа не е највлијателниот фактор.
– Иселувањето го направи своето. Неодамна објавив колумна, каде исчезнаа 2.333 првачиња од училиштата? Анализата ја правев врз основа на бројот на живородени деца во одредена година, и шест години подоцна кога тргнуваат во школо. На пример, во годината биле родени 20.000 деца, а по шест години во прво одделение се запишале 17.500. Каде се останатите? – објаснува Герасимовски.
Државниот завод за статистика води различни евиденции, меѓу кои бројот на ученици на почетокот и на крајот од годината. Разликите се големи во последните години.
Интересен е фактот што бројот на училиштата во земјава не е многу намален во изминатите години – помалку од 20. Според Герасимовски, овој статистички податок не може еднострано да се разгледува бидејќи училиштата се поделени на основни и подрачни. Така, во едно основно училиште може да учат 350 деца, а во десет подрачни да има одвај 50 ученици.
– Има подрачни училишта со 3-4 ученици. Па кога ќе се направи една компаративна анализа, се добиваат многу интересни податоци. Еден од нив е дека бројот на ученици постојано се намалува, но се зголемува бројот на наставници – и тоа за 3-4 илјади во последните две децении – вели Герасимовски.
Така во 2001/2002 година во основните училишта во Македонија имало 13.356 наставници, а во оваа учебна година дури 4.916 повеќе (18.272).
Според Герасимовски, бројот со намалувањето на учениците директно укажува на процентот на иселување од Македонија.
– Тоа е процес што никој не може да го сопре. Во последно време се прават напори, но иселувањето не може да се спречи. Останува да ги следиме бројките и да видиме што ќе се случува во наредниот период – вели Герасимовски.
912