Особено загрижува што во земјата има голем број ученици кои не стекнуваат основни вештини за математика и читање и дека тој број е сè поголем, нагласено е во резимето
Учениците на 15-годишна возраст во Македонија заостануваат речиси четири години зад врсниците од земјите на ОЕЦД, со просечен резултат од 384 по наука споредено со 493 во земјите на ОЕЦД. Резултатите беа пониски од соседните земји, вклучително и Албанија (427 бода) и Црна Гора (411 бода), а незначително повисоки од Косово (378 бода). Ова е една од причините поради кои мора да се менуваат многу работи во системот, се препорачува во публикацијата на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), а која ја објави УНИЦЕФ.
Ова резиме од последниот преглед на образовниот систем во земјата доаѓа во период кога се подготвува новиот Закон за основно образование, а за кој министерот Арбер Адеми рече дека „ќе ги слуша“ исклучиво препораките кога ќе се изработува истиот.
„Резултатите по читање на тестот ПИСА опаднаа за 21 поен помеѓу 2000 и 2015 година. За споредба, соседна Албанија успеа да ги зголеми резултатите за 56 бода, што е еднакво на околу две години образование, и тоа во истиот временски период. Постои и ограничен напредок во однос на најважната мерка за квалитет на образовниот систем, односно резултатите од учењето кај учениците. Податоците на ОЕЦД Програмата за меѓународно оценување на учениците (ПИСА) покажуваат дека резултатите од учењето во Македонија се пониски од просекот на регионално и меѓународно ниво, без знаци на подобрување. Очигледното отсуство на подобрувања во резултатите од учењето кај учениците се случува во време кога сè поголем број ученици продолжуваат во високото образование, без потоа да добијат вработување. Ваквата состојба укажува на итната потреба да се зајакне националната рамка за евалуација и оценување, со цел учењето на учениците да се насочи и оценува според поригорозни и релевантни национални стандарди. Тоа, исто така, ја истакнува и потребата да се откриваат учениците што имаат тешкотии во учењето уште во раните фази и да се поддржат во стекнувањето основни знаења и вештини“, стои во извештајот на организацијата.
70 отсто немаат вештини за читање
Особено загрижува што во земјата има голем број ученици што не стекнуваат основни вештини за математика и читање и дека тој е сè поголем, нагласено е во резимето.
„Во земјата е забележан највисок процент на ученици (52,2 отсто) што не успеваат да покажат основни познавања во три домени по наука, математика и читање меѓу земјите-учеснички на тестирањето ПИСА. Во однос на читањето, над две третини од учениците на 15-годишна возраст немаат основни вештини за читање (70,7 отсто), според мерењата на ПИСА. Тоа се споредува со 20 отсто во земјите на ОЕЦД, 50 отсто во Албанија и 42 отсто во Црна Гора. Иако со текот на времето има опаѓање на бројот на ученици со слаби резултати во поголемиот дел од регионот, процентот на ученици со лоши резултати во државата е зголемен за речиси седум процентни поени меѓу 2000 и 2015 година“, забележале во извештајот.
Фото: Архива
Да се избираат најквалификувани кадри за наставници
Она што недостига, според нив, се посебни критериуми за акредитација на образовните програми за наставници, како и издржани барања и услови за иницијално лиценцирање на наставниците, адекватни насоки за оценување на приправничкиот стаж и менторска поддршка.
„Слабите механизми за селекција и гарантирање на квалитетот за влез во наставничката професија го зголемуваат ризикот новите наставници да влегуваат во професијата без минималното ниво на знаење и вештини, за да бидат ефективни во училницата. Потребно е да се избираат најквалификувани кандидати за наставници и да се обезбеди адекватна поддршка за време на приправничкиот стаж“, стои во резимето.
Прашањата да го оценуваат наученото, а не запомнетото
Во извештајот се предлага добро да се осмисли националното оценување. Во Македонија од 2013 до 2017 година имаше екстерно тестирање за да се споредат оценките на наставниците од училницата со резултатите на учениците од оценувањето. Наставниците требаше да се рангираат во однос на тоа колку нивните оценки се совпаѓаат со резултатите на учениците по оценувањето, а оние што беа највисоко рангирани да добијат финансиски бонус. Меѓутоа, системот за наградување никогаш не се спроведе и таквото оценување беше укинато, главно врз основа на тоа дека се прави голем притисок врз наставниците и дека има негативно влијание врз активностите на наставниците во училиштата.
„Сега се планира да се воведе ново национално оценување. Добро осмислено оценување може да даде корисни информации за следење на резултатите кај учениците во клучни фази од нивното образование. Прашањата треба да го оценуваат наученото, а не тоа што е запомнето. Се разгледува можноста за компјутерско оценување бидејќи тоа е поевтино да се спроведе (покрај првичната капитална инвестиција), има помалку можности за човечка грешка и резултатите се добиваат многу побргу“, пишува во препораките во извештајот.
912