Се сеќавам дека како девојче омилени ми беа газираните пијалаци… и на мојата најдобра пријателка, и на нејзиниот брат, и на мојата сестра, и на целата екипа. И се сеќавам на борбата на родителите да нè заштитат од „тој отров“. Така редовно коцка шеќер завршуваше во чашата, па потоа чекавме шеќерот да ја извади содата (бидејќи содата е најголемо зло во тој сок и од тоа боли грло), па потоа да уживаме во слаткиот пијалак.

Помина многу време додека сфатив дека шеќерот е најопасната состојка на газираните пијалаци. Дека токму тој шеќер што го додаваат родителите во желба да го заштитат своето дете е всушност отров. Тие тоа се разбира дека го прават од незнаење, страв, потреба да штитат од сè.

Родителската грижа често заслепува, па она што го гледаме како проблем всушност и не е.

Ако го земеме овој пример, ладен газиран сок секако може да доведе до настинување на грлото, што е веднаш видливо. Тука е причината, тука е и последицата. Меѓутоа, шеќерот кој детето го пие како додаток во сокот, долгорочно гледано, може да доведе до дијабетес или којзнае што уште не… но, тоа е она што не се гледа, не се покажува веднаш и сигурно на ниту еден родител не би му паднало на ум да го разболи своето дете.

Исто е и со воспитувањето.

Заради желбата да го заштитиме детето од секојдневни опасности кои многу лесно се поминуваат, ние често несвесно го туркаме во многу поголем проблем. Со отстранувањето на секое камче пред него и создавање совршена патека, ќе го заштитиме од паѓање и од страв дека може да падне (бидејќи тоа не го искусило). Ќе научи да вози. И ќе вози сигурно… додека ние одиме пред него. Но, што кога ќе се тргнеме? Што ако веќе биде искусен возач (по лесна патека) кога првпат ќе налета на камен кој тука залутал, или некој намерно го фрлил? Ќе биде неспремен… и ќе падне, директно на лицето.

Ајде да го навредиме сопственикот на кучето бидејќи неговото врзано куче лаеше на нашето дете. Ајде никако да не му објасниме на детето дека кучињата лаат. Полесно е да му кажеме на сопственикот да му објасни на кучето да не лае. Бидејќи тоа го плаши нашето дете. Бидејќи детето се плаши од кучето. Бидејќи никогаш не го допрело. За секој случај. Животното е непредвидливо. Може и да касне. Детето не знае зошто се плаши од куче. Ние сме му кажале дека е подобро да не му приоѓа. Повторно, за секој случај. Ајде и да се надеваме дека детето на пат од училиштето до дома нема да сретне некое куче, залутано, без сопственик.

Можеби и да му премолчиме дека немаме доволно пари за ветениот велосипед овој месец. Секако не го завршил одделението со одличен успех. Може да кажеме дека е поради тоа. Повторно да ја префрлиме вината. Ајде и никогаш да не се искараме, детето не смее да чуе кога мајката и таткото се расправаат. Или да се расправаме секој ден, пред него и да останеме во брак, заради него. Важно е родителите да бидат заедно, да бидете семејство. По секоја цена. Подобро и дисфункционална отколку никаква, зарем не?

Не мора ниту домашната задача да ја направи, ние ќе му помогнеме. Реално – уште е мал, ќе има време за учење. Не мора самиот ниту играчките да ги намести, за кого ние ќе местиме ако не за него. Научил и да пцуе, тоа не е во ред, треба да го критикувате… но како кога толку слатко звучи што тоа едноставно мораме на сите да им го прераскажуваме: „Ајде повтори го она за кое се лутевме денес, што рече?“ Сите се смеат.

Нема работна навика, пцуе, го бара она што не можете да си го дозволите (или што не му припаѓа), не почитува никого, несамостојно е, неодговорно е, отфрлено, нема пријатели, исплашено е, тажно… Се согласувам, не постои рецепт, но можеби сепак внимателно треба да ја прочитаме таблицата за хранливи материи пред да додадеме шеќер.

Автор: Наташа Грбовиќ, педагог

Извор



912

X