Совети

Како влијае траумата врз однесувањето на детето во училиште и дома?

Кога детето покажува промени во учењето, однесувањето или во односот со другите, тоа може да биде знак дека минува низ тежок период или трауматска ситуација.

Траумата не мора секогаш да изгледа како нешто големо и очигледно. За детето, траума е секој настан што го плаши, го повредува или прави да се чувствува несигурно и незаштитено. Тоа може да биде насилство, занемарување, загуба на блиска личност, развод на родителите, но и чести расправии во семејството или чувство дека не е сакано и прифатено.

Кога детето ќе доживее траума, тоа често не знае да каже со зборови што му се случува. Наместо преку зборови, траумата се гледа преку однесувањето.

Симптоми на траума кај децата

Во училиште детето може:

  • да има проблем со концентрацијата и учењето
  • да изгледа како да не слуша или да е отсутно со мислите
  • да биде повлечено, тажно или безволно
  • да покажува бес или агресија кон соучениците и наставниците
  • да го избегнува училиштето или да има брз пад на успехот.

Дома детето може:

  • да биде раздразливо, лесно да се расправа или често да плаче
  • да има проблеми со спиењето (кошмари, страв од темница…)
  • да се повлекува и да избегнува контакт со домашните
  • да покажува страв, несигурност или претерана поврзаност за една личност
  • да се врати на поранешни фази од развојот (мокрење во кревет, цицање прст…).

Важно е да знаете: Ваквото однесување не е невоспитаност, ниту пак лошо воспитување. Тоа е начинот на кој детето покажува дека му е тешко и дека му е потребна помош.

Пример од практиката: приказната за Милош (9 години)

Учителката забележала дека Милош, кој има 9 години, многу се променил во последно време. Порано бил весело дете, учествувал на часот и сакал да се дружи. Во последно време често молчел, гледал во една точка и не ги завршувал задачите. Исто така, во последните две недели често доаѓал без напишана домашна работа.

На одморите повеќе не си играл со другарчињата. Ако некој случајно го турнел или му ја земел топката, тој реагирал бурно – викал или удирал. Понекогаш целосно се повлекувал и седел сам. Учителката забележала дека Милош често се стресувал на гласни звуци и се плашел кога некој ќе го повишел тонот. Почнал да заборава работи, не го носел школскиот прибор и сè почесто велел дека го боли стомакот за да не оди на училиште.

Учителката се обидела да разговара со Милош, но тој само молчел. Таа ги известила родителите и побарала индивидуален разговор. По средбата со стручната служба и родителите, се дознало дека во домот на Милош има чести расправии и викање меѓу родителите, па таа атмосфера кај него предизвикала голем страв и несигурност.

Однесувањето на Милош во училиштето не било лошо однесување, туку негов начин да покаже дека му е тешко.

Како да помогнат возрасните?

Децата не бараат помош со зборови, нивната потреба за поддршка се гледа преку однесувањето. Ако забележите дека детето се променило, станало потивко, потажно, поагресивно или уплашено:

  1. Застанете и набљудувајте: Не брзајте со казни или осуда.
  2. Прашајте и сослушајте: Дајте му простор да се искаже без притисок.
  3. Побарајте стручна поддршка: Вклучете ги школскиот педагог, психолог или стручно лице.

Разбирањето, трпението и чувството на сигурност можат да направат огромна разлика во животот на секое дете.

Извор

Поврзани написи

To top