Одделенските наставнички Ема Зафирова и Славица Гаврилова, кои предаваат во училиштето „Јохан Хајнрих-Песталоци“, смислиле натпревар во читање, кој за само неколку месеци даде воодушевувачки резултати

Третоодделенецот Михаил Прентоски од Скопје во декември прочитал околу 2.600 страници, или повеќе од 84 страници дневно детска литература. Тој е ученик во III-4 одделение во ОУ „Јохан Хајнрих-Песталоци“, а неговите наставнички Ема Зафирова и Славица Гаврилова се најзаслужни што буквално се вљубил во читањето.

Наставничките Ема и Славица заедно со учениците во посета на Саемот на книгата

Овие наставнички нашле интересен метод како да им ја доближат книгата на децата. Михаил припаѓа на втора генерација деца со кои го воведуваат т.н. натпревар во читање книги, кој започнува на 10 јуни. На децата им почнува еден поинаков распуст, полн со игра, но и со многу прочитани страници.

– За летниот распуст имаа задача да ги прочитаат сите лектири, а оние што можеа да прочитаат и некоја дополнително, добиваа награда – книга. Од септември, секој месец избираме најдобар читател на месецот. Бележиме кој колку страници прочитал, најдобриот читател застанува пред табла и учениците, заедно со мене, му поставуваат прашања во врска со книгата. Се случувало некогаш и да не бидат целосно искрени дека ја прочитале целата книга, ама има трик-прашања со кои успеваме да ги „фатиме“. На тој начин децата вежбаат јавен настап, устен говор и ги развиваме нивните ораторски вештини, кои ќе им бидат потребни низ животот – објаснува Зафирова.

Читаат и за време на одморот

Ефектот е огромен

Таа објаснува дека секоја учебна година со колешката си задаваат одредени цели што сакаат да ги постигнат со учениците. На почеток тоа биле социјализацијата, учењето на правилата во и надвор од училиштето и запознавањето со традицијата. Учествувале на работилници во Музејот на Македонија. Во второ одделение имале активни часови, учествувале на детски маратон, но имале и настава надвор од училницата.

– Ја развиваме и солидарноста, па веќе две години нашата паралелка учествува во хуманитарната акција „И јас сум Дедо Мраз“ во организација на „Проект Среќа“, каде што донираме подароци за деца од социјален ризик – вели Зафирова.

„Натпреварот во читање“ многу брзо дал резултати, за само два-три месеци.

– За натпреварот, ученикот не треба само да ја прочита книгата, туку работата продолжува. Ги охрабруваме да разговараат за прочитаното, да дадат мислење, па и да се напише нешто за тоа. Ефектот е навистина голем. Клучот е во тоа што учениците заедно со родителите избираат што сакаат да читаат. Понекогаш се случува сами да побараат од нас наслов како идеја за следна книга. Тие се толку мотивирани, што веќе во октомври создадоа одделенска библиотека. Најинтересно е кога еден ученик убедува друг да прочита одредена книга зашто била навистина интересна. Дојдовме до степен што учениците почнаа буквално да ги „голтаат“ книгите. Можеме да се пофалиме дека повеќе од половина паралелка чита по 4-5 книги месечно, а има и ученици со над 10 книги месечно. По секоја прераскажана книга, во табела внесуваме кој која книга ја прочитал и колку страници има. На крајот од месецот ги собираме страниците и го избираме победникот – гордо објаснува наставничката.

Мајката на Михаил, Марина Смилева-Прентоска е пресреќна што наставничките нашле начин да ја поттикнат љубовта кон читањето.

– Овој прекрасен проект, на моето дете, како и на другите од одделението, му ја поттикна љубовта кон книгата, придонесе за брзо совладување на течното и правилно читање, правилен начин на изразување и раскажување, му го збогати речникот и му стана една од омилените и приоритетни, за него, слободни активности. Наместо игри за компјутер, сега бараме која книга да ја купиме. Се надевам дека овој проект ќе биде поттик за сите наставници да почнат да го применуваат како дел од својата настава – вели таа.

Читаат и додека ги чекаат родителите да ги земат по часови

Сериозен „натпревар“

Децата многу сериозно го сфаќаат овој т.н. натпревар.

– Често се случува за време на големиот одмор да излезат со книгата во дворот за да дочитаат нешто, за да може веднаш штом ќе заврши одморот, таа да се прераскаже и да се забележи во табелата. Читаат дури и кога другарчиња ќе им дојдат на гости, ни споделуваат мајките – се шегува Зафирова.

Таа смета дека љубовта кон книгата прво треба да се развие дома, во кругот на семејството, со читањето приказни, а потоа и во градинката.

– Со дигиталната технологија, модерното време, промената се забележува и кај возрасните и кај децата. Заборавивме на човечките вредности, на колективните игри, а најмалку на добро поминато време со книга. Наставникот е спремен да направи сѐ за да им ја пренесе љубовта кон книгата, литературата, на учениците. Првото образование на секое дете потекнува од семејството, второто образование е градинката, а основното образование е третото скалило. Ние, наставниците, само ја надградуваме таквата љубов. Сакам да напоменам дека без секојдневната поддршка од родителите во реализацијата на секој наш проект, а особено за читањето, не би ги постигнале овие резултати. Затоа сметам дека родителите и наставниците се добар тим во создавање перспективни идни генерации со изградени вредности – објаснува Зафирова.

Михаил и Јосиф се најревносни читачи во првото полугодие

Михаил ги „голта“ книгите

 

Ивана Поповска-Блажевска, мајка на Јосиф, кој во септември бил најдобриот читател, вели дека е големо задоволство за секој родител кога гледа дека неговото дете е во одговорни раце во рамките на образовниот систем.

– Кога Јосиф ги доби признанието во септември пред другарчињата и книгата како награда, му значеа многу и на тој начин беше поттикнат да се труди уште повеќе и да го засака читањето. Наставничките препознаа потенцијал во оваа активност преку мотивираноста на децата да читаат и секојдневно одделуваа мал, но значаен дел од наставната работа да го посветат токму на оваа активност, која има повеќекратна важност. Ги стимулира нивните мозочиња да развијат афинитет кон пишаниот збор и книгата, ја развива нивната имагинација, го подобрува изразувањето и развива критичко размислување за прочитаното. Веќе е добро воспоставена практиката добрата книга да помине низ повеќе детски рачиња, т.е. си ги разменуваат омилените книги – вели Поповска-Блажевска.

Во второ одделение учениците учествуваа на детски маратон



912

X