Рубриката „Прашај психолог“ овозможува стручна поддршка од психолози и психотерапевти на родителите при справување и решавање одредени актуелни прашања од психолошка природа на нивните деца и е резултат на соработката помеѓу Деца.мк и „Психотерапика“ – здружение за психологија и психотерапија. Прашањата до психолозите и психотерапевтите може да ги испраќате на е-пошта: prasajpsiholog@deca.mk. Нашето мото е: Кој прашува, дејствува! Кој си молчи, претпоставува!

ПРАШАЊЕ: Имам син од 5 години и мојот проблем во врска со него е неможноста да го запишам во градинка или, пак, дневен престој (оние приватните од по 3-4 часа ), каде што ќе се социјализира и едуцира. Јас одам на работа, сопругот работи од дома, а го чува мојата свекрва. Значи тој е одделен од нас, но кога ќе дојде ред да го носиме во некој дневен престој, не сака ни да влезе. За првото влегување може да го излажеме, но за наредното одење буквално треба да го однесеш „заврзан со синџири“, толку е голем неговиот отпор.
Кога имаше 3 години, првпат го оставив да го чува баба му и тргнав на работа. И тогаш беше тежок процесот на адаптација со баба му, но се навикна.
Инаку е бунтовен, со силна волја, а од друга страна плашлив, не останува сам во просторија, евентуално ако е заигран, па тогаш не оди по мене.
Во викендите кога сум дома, нонстоп е залепен за мене, а така се однесува и ако некој, на пример, ни е дојден на гости (пријател, роднина) и јас имам потреба да ја напуштам просторијата. Тогаш трча по мене како да сум го оставила и тоа страшно ме нервира.
Досега 3-4 пати имам пробано да го запишеме, ама безуспешно. Воопшто не сака да соработува и да пробаш да го однесеш, се опира, и тоа страсно, од автомобил не можеш да го извадиш, има викање, плачење. Знам дека е друштвен, дека сака деца, но стравот од одделување е многу голем.
Проблемот мора да се реши зашто за една година ќе биде уште поголем и нема да сака да оди на училиште.

Прашува: читателка

Ивана Маринчек

ОДГОВОР: Според она што го пишувате, очигледно е дека станува збор за навистина голем страв од одделување. Тој мора да има корен во некои случувања од минатото. Тогаш кај вашиот син се појавил тој страв дека ќе биде напуштен или дека ќе ве изгуби. Ве разбирам дека ве нервира неговото постојано трчање по вас, но имајте предвид дека колку повеќе реагирате на тоа однесување со нервоза и лутина, толку повеќе вашиот син може да се почувствува оттурнат од ваша страна и стравот уште повеќе ќе му се засили.

Што би можел да ви кажува вашиот син со тоа постојано трчање по вас? Што му е потребно? Можеби е тоа чувство на безбедност, на сигурност, прифаќање, љубов, внимание…. Важно е да истражите и да откриете што му недостига во тие моменти кога така се однесува. Кога неговата потреба ќе биде задоволена, тој нема да има потреба истото да го бара од вас преку таквото однесување.

Пишувате дека кога првпат го носите детето во некој дневен престој, можете да го излажете да влезе, но дека веќе на второто одење дава силен отпор. Имајте предвид дека вашето дете е сега веќе поголемо и дека многу успешно умее да препознае кога е манипулирано. Колку повеќе се обидувате да го „излажете“ за да отиде некаде или да направи нешто, толку повеќе недоверба ќе има кон вас и во она што ќе му го кажувате во иднина, а истовремено стравот кај него само ќе расте. Затоа не обидувајте се да го залажете, туку отворено разговарајте со него и уважете му ги чувствата.

Кога вашето дете ќе дојде кај вас вознемирено, обидете се да ја надминете првичната лутина што ќе ја почувствувате и смирено и нежно потврдете му дека вие сте тука за него, дека го сакате најмногу на овој свет и дека никогаш нема да го напуштите, а доколку се случи да мора да се разделите за кратко, секогаш ќе се вратите по него. Обидете се при ваквите разделувања да му дадете ветување дека ќе се вратите во одредено време и секогаш држете се до даденото ветување.

Одговара: Ивана Маринчек, лиценциран психолог-психотерапевт во „Психотерапика“
е-пошта: psihoterapika@gmail.com
тел. 078445224

Психолозите и психотерапевтите ги одговараат прашањата според редоследот на нивното испраќање, а одговорите ќе се објавуваат на Деца.мк. Одговорите имаат психоедукативна функција и ги насочуваат родителите кон посеопфатни насоки на решавање на состојбата што ги мачи. Се разбира, покомплексните прашања подразбираат покомплексен пристап.



912

X