Во нашето општество предучилишното воспитание и образование сè уште се сфаќа само како згрижувачка дејност, многу малку се размислува и се работи на образовниот дел

Некаде премногу деца, а некаде премали групи, многу места без градинки, лошо платен персонал, често и недоволно обучен, се само дел од проблемите што ги истакнува Кирил Барбареев, професор по Предучилишна педагогија на Факултетот за образовни науки во Штип. Со него разговараме за состојбата со државните градинки, за она што треба брзо да се промени, како тоа да се направи најлесно…

Каква е состојбата со државните градинки во земјава?

– Состојбата е загрижувачка од повеќе аспекти. Постојат повеќе проблеми кои од година на година се зголемуваат и дополнително влијаат врз состојбите. Од вкупниот број деца на возраст од 0 до 6 години само околу 25% посетуваат предучилишни установи. Најголем дел од објектите, околу 80%, се во урбани средини, а едвај 20 објекти се во рурални средини. Според некои податоци, во 40 општини во земјава не постои никаква форма на јавна установа за предучилишна грижа, воспитание и образование. Најголемиот број од државните градинки работат со повеќе деца од пропишаниот капацитет. Постои нерамномерна распределеност, нема еднаков опфат на децата од 0 до 6 години. Исто така, има висок степен на неусогласеност на големината на групите во споредба со стандардите. Дури половина од сите групи се или над или под стандардот. Прекубројните групи се причина за поголем ризик и намалени ефекти од воспитно-образовниот процес.

Во какви услови работат луѓето што се грижат за децата?

– Најголемиот број државни градинки немаат стручни работници и стручни соработници. Тоа значи педагози, психолози, педијатри, дефектолози, социјални работници, музички соработници, спортски… Тоа кажува за односот на државата кон децата. Државата не смее да штеди на децата и во инвестирањето во детството. Условите за работа се поразителни. Проблем е статусот на професијата. Вработените земаат премали плати.
Друг проблем е и тоа што во нашето општество предучилишното воспитание и образование сè уште се сфаќа само како згрижувачка дејност, многу малку се размислува и се работи на образовниот дел. Поради неговата повеќефункционалност, потребно е зголемување на меѓуресорските министерства (труд и социјала, образование, здравство). Сметам дека она на што треба да почне да се размислува и работи е овој потсистем да биде под Министерството за образование и наука.
Целите на Европа се до 2020 година 95% од децата на возраст од 4 години задолжително да се вклучат во раното детско воспитание и образование. Ние сме предалеку од оваа цел.

Каква е подготвеноста на персоналот за работа?

– Во нашата држава ретко кој зборува за искрено мерење на квалитетот на работата. Всушност, клучното прашање е дали имаме стандард за тоа што е  воспитувач во државна градинка. Кој е воспитувачот во 21 век во Република Македонија? Кои се обврските на негувателите? Што треба да знаат и да работат стручните служби. Како треба да изгледа еден работен ден на воспитувачот, директорот и на другите вработени, кои се обврските на општината? На овие прашања ние имаме само формални одговори, а суштински многу малку. Затоа системот „пука“ од сите страни, или е оставен на ентузијазмот и одговорноста на индивидуалци. Квалификуваноста и обученоста на кадарот се пресудни за квалитетот на работата.
За жал, Министерството за труд и социјална политика – МТСП и Министерството за образование и наука – МОН немаат анализи и немаат изграден систем на политики на потребите на кадарот за обуки и професионален развој. Дури оваа година тоа почна да се работи посистематски преку проектот на УНИЦЕФ и Светската банка. Никој не ги прашува вработените што им е потребно. Најчестите обуки се организирани од меѓународни организации, како УНИЦЕФ, УСАИД, ЕУ…, но темите се дефинирани од донаторите, а не од анализа на потребите на државните градинки. Повеќето директори немаат јасна визија и план како да раководат со установата. Не можат да ја препознаат својата улога.
Голем предизвик и сериозна тема е системот за образование на воспитувачите. Мора да се подигне нивото на иницијално образование на воспитувачите и негувателките за да се подобри квалитетот на згрижувачкиот кадар и на воспитно-образовниот дел од програмата.

Како, всушност, треба да изгледа работата со деца во градинка?

Државните градинки работат според дневен план и програма, а тоа е опишано во правилници. Постои тек на денот. Но, она што е специфично само за оваа професија е спонтаноста и непредвидливоста на децата. Предучилишната педагогија има една специфичност која ја прави особено значајна и единствена во системот на педагошките дисциплини, а тоа е дека мора многу повеќе од сите други педагошки дисциплини да ги зема предвид и несистематските, неорганизираните и помалку организираните воспитни влијанија врз детето. Многу истражувачи истакнуваат дека организацијата на просторот на макрониво (установа) и микрониво (група) подобро влијае врз воспитно-образовниот процес отколку задолжителната (службена) програма. Сè повеќе се докажува дека курикулумот има своја воспитно-образовна порака. Ако се занимаваме со прашања за контекстот во кој се одвива воспитно-образовниот процес, тогаш сè поголеми се можностите за функционирање на двата курикулума во установата – службениот (тој што треба да се реализира) и стварниот (тој што реално се реализира).
Сè зависи од креативноста на воспитувачот и од мотивацијата на директорот на установата.
Без тоа нема ништо. Трите магични збора во учителската професија што секој ден и пред секоја тема за работа треба да си ги поставуваме сите ние се: зошто, што и како. Зошто е важна оваа тема за децата, што е целта, како ќе го направам тоа, преку кои стратегии…

Што може да се направи набрзо, независно од големи вложувања, за да се подобрат состојбите?

– Потребно е да се подигне свеста за важноста на раната детска возраст и развој. Тоа е поврзано и со економската благосостојба во општеството. Потребен е национален систем на акредитација кој ќе гарантира висок квалитет и грижа за децата. Тоа значи стандард за квалитет на средината во која присуствуваат децата, стандард за квалитет на опремата, дидактички и игровен материјал, стандард за квалитет на програмите, стандард за квалитет на персоналот.
Потребно е дефинирање на улогите и уделот во финансирање од јавните средства (државни и локални) и приватни извори (партиципација на родителите). Субвенционирање на семејствата од јавните средства на основа на економскиот статус на секое семејство, вклучувајќи го и ослободувањето од плаќање за деца од некои категории (од маргинализирани општествени групи).
Треба на возраст од 4 до 5,5 години да му се обезбеди на секое дете бесплатна скратена (полудневна) програма (четири часа дневно, пет дена во неделата), опремување на предучилишните установи со дидактички материјал, нагледни средства.
Исто така, треба да се изградат нови предучилишни установи, детски центри, особено во неразвиените региони и селски подрачја, подигање на одговорноста за оваа дејност на локалната самоуправа и другите локални партнери. Мобилизација на средства, донации, спонзорства, отстапување слободен простор. Може да се направи адаптација на расположив простор во секоја локална заедница (неискористени простори), а адаптацијата и иницијативите да доаѓаат од родителите, локалната самоуправа, волонтери и сл.
Сметам и дека треба да се разговара за финансирање на јавните предучилишни установи и програми по глава на дете (систем percapita), за положбата на воспитувачот и негувателот, платата на вработените. Треба да се развива систем на соработка преку програма со културата, уметноста, спортот, со цел отворање на овие сектори за поддршка на децата. Во секој град во кој има педагошки факултет да се создаде т.н. универзитетска градинка која ќе биде по современи стандарди, која ќе има повеќе цели: вежбалница за студентите, професионален развој на воспитувачите, ќе се користи за научни цели на универзитетските професори, за воведување на децата во светот на науката, за детската љубопитност и развивање на желбите за истражување на природните феномени.
Треба да се развива позитивен пристап и поддршка од медиумите за овој систем, а и оспособување на сите засегнати страни за стратешки развој и за користење на ЕУ-фондови и други извори на финансирање.

Што мислите за актуелниот случај објавен во медиумите за вработена што навредуваше дете кое плачеше?

– Ова е само последица на сè погоре кажано. Лично сметам дека вакви примери и појави има многу често, на многу места низ нашата држава, а имало и во минатото. Ваквите примери се недозволиви. Тоа мора да се санкционира. Мора да се преземе одговорност. Одговорноста е во целиот систем, но има конкретно лице, воспитувач или негувател, со име и презиме. Но, мора да се постават и уште сто други прашања на кои треба да одговориме сите ние, и во МТСП, МО, педагошките факултети, директорот, локалната самоуправа.



912

X