Имам „математички тобоган“ кој најчесто го користам со ученикот со посебни образовни потреби. Користам и едукативен робот не само во математиката, туку и по ликовно образование, општество и македонски јазик. Применувам и холограм за претставување на 3Д-форми со помош на мобилна апликација и пластична призма изработена од стари пакувања од цедиња, вели наставничката Милкова

Македонија има креативни и успешни наставници, од чија работа и ангажман учениците секојдневно се восхитуваат. Една од нив е Зорица Милкова, одделенска наставничка во „Тошо Велков-Пепето“ во Кавадарци, која веќе десет години е во оваа професија. Ни покажа како на часот по природни науки, со помош на апликација, им објаснила буквално сѐ за Сончевиот Систем на нејзините ученици-седумгодишници.

– Се работи за мобилната апликација Merge cube, која функционира со помош на коцка Merge составена од повеќе кодови преку кои се доаѓа до 3Д-анимација на Сончевиот Систем и информации за секоја планета поединечно. Според новата Кембриџ-програма по природни науки, учениците многу рано се сретнуваат со поими кои не им се јасни. Затоа ние, наставниците, имаме обврска да се потрудиме и да најдеме наједноставен начин да им ги појасниме со цел да ги сфатат, а воедно и да вродиме желба за понатамошно истражување и учење – ни појасни Милкова.


Безброј прашања и многу насмевки

Како реагираат децата на овој начин на приближување на материјалот што го изучуваат? Наставничката вели дека тие вистински се забавуваат.
– Последните неколку часа по природни науки беа вистинска забава за мене и за моите ученици. Со големо воодушевување и внимание учениците најпрво го следеа Сончевиот Систем прикажан од моја страна, а потоа имаа можност и самите да ги истражуваат планетите и да ги ротираат гледајќи во секој нивни детаљ. Имаше безброј прашања и уште повеќе насмевки – додава наставничката.

Современата технологија не наоѓа примена само на часовите по природни науки, туку таа се користи и при изучувањето на темите по другите предмети. Во ова училиште редовно се спроведуваат обуки за примена на современи техники и методи во образовниот процес. По македонски јазик речиси секојдневно се употребуваат презентации во „Пауер поинт“ и „Гугл драјв“ преку кои учениците визуелно се запознаваат со начинот на правилно пишување на печатните и ракописни букви, се користат техники како „Ѕвезда на приказната“, „Бинго“, „Ѓердан на приказната“, „Прозорец“ итн.

– На часовите по математика користам дидактички средства кои сама ги изработувам, тоа се игри нацртани на хамер и слични на „Монопол“ и „Не лути се, човеку“, приспособени според наставната содржина. Имам и „математички тобоган“, кој најчесто го користам со ученикот со посебни образовни потреби. Користам и едукативен робот не само во математиката, туку и по ликовно образование, општество и македонски јазик. Применувам и холограм за претставување 3Д-форми со помош на мобилна апликација и пластична призма изработена од стари пакувања од цедиња. Користиме и 3Д-очила преку кои учениците влегуваат во морскиот свет, летаат во вселената со вселенски бродови, разгледуваат планини – вели Милкова.

Наставата на смарт-уред

Кога станува збор за развивање љубов кон предметите, денешните наставници треба да обрнат внимание на пристапот, на нивната креативност и желба за континуирано надградување.
– Ако се потрудиме да најдеме соодветни апликации што се користат преку мобилен, преку компјутер, преку смарт-табла, начинот на претставување на наставната единица би бил многу поефективен отколку класичниот начин на предавање. Учениците сакаат да истражуваат. Тие постигнуваат поголеми успеси кога материјалот што треба да го совладаат сами го откриваат. Јас лично користам апликации и онлајн-содржини во образовниот процес, но воедно внимавам колку често ги применувам. Постојат содржини каде што едноставно не можете да користете онлајн-помош или каква било апликација. Денес речиси сите ученици имаат лаптопи и паметни телефони кои премногу ги користат. Со тоа се намалува квалитетот на убавото пишување, логичкиот развој при решавање математички операции и слично. Затоа сè што се избира за доближување на наставната содржина се избира со големо внимание – појаснува Зорица.

Секој наставник да има проектор, смарт-табла, печатач

Кембриџ-програмите налагаат да се прават истражувања и експерименти, а за тоа се потребни нагледни средства.

– Да бидам искрена, нагледни средства секогаш недостигаат. Училиштата не се секогаш во можност да ни обезбедат сè што ни е потребно и затоа често издвојуваме буџет од сопствениот џеб. Колку би било убаво секој наставник да има свој ЛЦД-проектор, печатач, своја смарт-табла, своја училница во која би создал современ простор за реализација на образовниот процес. Но што е, тука е, знаеме ние и самите да си создадеме нагледно средство. Морам да напоменам дека и родителите активно се вклучуваат при различни видови истражувања и реализација на експерименти. Заедно секогаш можеме повеќе – вели Милкова.

Се подготвуваат за професии кои сѐ уште не постојат

Неодамна нејзините ученици добиле меѓународни сертификати за учество во интернационалниот проект Innovate Your Dreams 2019. Се работи за проект чија цел е учениците да ги разберат и да се подготват за можните професии во иднина. Проектот е направен врз основа на популарно истражување кое вклучува 65 отсто од децата од основните училишта кои сигурно ќе работат сосема нови видови професии кои сѐ уште не постојат.

– За време на проектот учениците учеа за индустрии кои ќе се создаваат во иднина и улогите на технологијата во трансформирањето на светот. Се задржавме на 3 од 17 цели за одржлив развој на Обединетите нации, опишани во Агендата 2030 за одржлив развој (Квалитетно образование, Пристапна и чиста енергија и индустрија и Иновација и инфраструктура.) Ја промовиравме STE(A)M визијата и STEM искуството, кое траеше 7 недели. Секоја недела имавме различни активности што учениците требаше да ги изработат. Основач на овој проект е Курам Шезад (Khurram Shehzad) од Пакистан, а има координатори од 55 земји. Нашата сертификација за овој дел заврши, а сега се вклучивме во следниот проект „My Magical Dust“ и со нетрпение ги очекуваме новите работни обврски – информира Милкова.



912

X