Ме радува што сè поголем број родители бараат помош кога е во прашање родителството, а најчесто се консултираат за стравовите кај децата, воспитниот стил, тантруми, сепарациона анксиозност…, вели психологот Бојана Стојменовиќ. Со соработничката на Деца.мк, освен за родителството и најголемите родителски предизвици, разговаравме и за најчестите маки на луѓето, за тоа како да се остане позитивен во овие стресни времиња…

Веќе две години на страницата „Мој психолог“ што ја водите на „Фејсбук“ секојдневно објавувате интересни содржини поврзани и со развојот на личноста, проблеми на луѓето, предизвиците на родителите и децата… Зошто се одлучивте на ваков пристап?

– Страницата беше само убав почеток на мојот личен проект „Мој психолог“. Уште во студентските денови размислував како да направам промена во нашето општество и како да ја кренам свеста за менталното здравје кај луѓето. Живееме во време кога голем процент од луѓето се корисници на социјалните мрежи и голем дел од информациите ги добиваат на тој начин. Затоа се решив да ја искористам позитивната страна на технологијата – односно брзината со која се шират информациите и преку неа да допрам до повеќе луѓе. Секојдневно споделував илустрации, текстови и совети, а луѓето сè повеќе сакаа да ги читаат и да ги споделуваат. За мене тоа беше мал, но значаен чекор бидејќи луѓето почнаа да се интересираат, да поставуваат прашања и самите да бараат да пишувам на одредена тема која им е интересна или потребна. Денес страницата е една од најпосетените, а бројот на читатели континуирано расте. Од неодамна „Мој психолог“ има и свој профил на социјалната мрежа „Инстаграм“, па корисниците што ме следат често можат да ги добијат своите одговори преку live видео. Пред сè, најважен ми е непосредниот контакт со луѓето, а знам дека и за нив тоа е од голема важност.

Што најчесто Ве прашуваат читателите?

– Луѓето навистина имаат различни прашања за теми што им се интересни од психологијата, па сè до проблеми со кои лично се соочуваат. Најчесто поставуваните прашања се поврзани со анксиозноста, родителството, самодовербата и партнерскиот однос. Сепак, секогаш кога одговарам, напоменувам дека консултација од ваков тип е само груба насока како да се постапи во однос на одреден проблем и дека е најдобро да се консултираат со стручно лице (по нивен избор) со кое повеќекратно ќе работат за да се најде решение на проблемот и да се подобри квалитетот на животот.

Низ годините стекнав увид дека секој човек има одредено прашање за кое би сакал да чуе одговор од стручно и адекватно лице. За таа целм низ годините континуирано организирам настани кои имаат повеќекратна цел: да се крене свеста за менталното здравје, да се доближи психологијата до луѓето и да се одговорат многу прашања. Оваа година тековно организирам два такви настана – „Психолошки муабет“ и „Психолошко рандеву“. Првиот настан често има различни гости и секој месец отвора различна тема од областа на психологијата. Самиот поднаслов на настанот гласи – муабет што нема да го чуете од комшивката, а со тоа сакам да укажам дека е време психологијата и психолошката помош да ги издвоиме од комшискиот муабет и советите и информациите да ги добиеме од прва рака од стручни лица. „Психолошко рандеву“ е настан кој оваа година се организира првпат овој месец и посетителите ќе имаат можност да се консултираат лично со повеќе од 10 психолози од различна област. Одѕивот на овие настани секој месец е сè поголем, а тоа ме радува бидејќи сè повеќе луѓе се интересираат и се информираат. Најмногу ми значат пораките што ги добивам по настаните каде што посетителите го опишуваат своето позитивно искуство. Мене тоа ми е најголема мотивација.

За што најчесто бараат помош родителите?

– Ме радува што сè поголем број родители се консултираат кога е во прашање родителството. Голем број од нив се и редовни посетители на настаните поврзани со оваа тема. Тоа значи дека родителите се подготвени да учат и да се развиваат заедно со своето дете. Најчесто се консултираат за стравовите кај децата (честа причина се видеоигрите), воспитниот стил, тантруми, сепарациона анксиозност, одвикнување од пелени, навики во однос на исхраната, премин на детето да спие самостојно, градење ефективен однос со дете-тинејџер и сл.

Што можете да заклучите од секојдневната практика, какви се денес родителите?

– Родителите денес се наоѓаат во една интересна позиција каде што треба постојано да се адаптираат на предизвиците што ги носи модерното време. Тоа ги прави отворени за трагање по информации, се едуцираат и применуваат нови знаења. Децата што сега растат се соочуваат со свет кој нам ни бил непознат (па и на нивните родители), како што се на пример технологијата и технолошкиот напредок. Најголемите предизвици на родителите денес се да ја препознаат границата на корисно поминато време пред екран, да поминат квалитетно време со своите деца и да воспостават позитивен однос родител-дете.

Учењето психологија сигурно влијае врз тоа како ќе се градиш како личност…

– Некогаш и јас се прашувам каква личност ќе бев доколку мојот избор беше некоја друга наука. Креативна сум и имам уметничка дарба во повеќе дисциплини, па мојот избор беше општа медицина (за подоцна да специјализирам психијатрија), психологија или некоја уметност. Да можам да го вратам времето, повторно би се запишала на психологија. Како личност станав поаналитична, повеќе свесна за себе и за другите, во текот на студиите преиспитував, менував, отфрлав, градев нови, лични ставови и верувања и знаења. Кога ќе погледнам наназад, знам дека многу пораснав, растев и се развивав, како личност и како човек. И сè уште растам, некако тој процес не застанува за мене. И сè уште учам, некако сè повеќе сакам да чепкам во области од психологијата кои не ми се доволно познати и изучени. Додека го пишувам овој одговор, сфатив дека психологијата сè уште ми е најголем предизвик и тоа ме прави неверојатно среќна затоа што знам дека сум на вистинскиот пат со најдобриот избор за мене.

Кој е твојот рецепт, како да се остане позитивен во овие стресни времиња?

Луѓето ме доживуваат како позитивна личност и често ме прашуваат како успевам никогаш да не се растажам. Мојот одговор секогаш е дека сепак сум само човек, па и јас исто како што знам да се радувам, знам и да тагувам, да плачам и да се лутам. А, како успевам да бидам позитивна? Секој ден избирам да се радувам и да бидам благодарна на малите работи што околу мене. Ме радува топло кафе наутро, ме радува и исполнува работата и секојдневните задачи што таа ги носи, ме радуваат новите луѓе што ги запознавам, ме радува топлината на моето семејство, ме радува ведрината на моите пријатели, ме радуваат љубовта и несебичната поддршка од партнерот. А што ме прави тажна? Мислам дека нема многу работи што ме растажуваат, но можам да ги наведам неправдата и неискреноста. Верувам дека секој од нас има можност да направи избор секое утро кога ќе стане од креветот. Не велам дека сите треба да бидеме романтични нереални оптимисти, но можеме да пробаме да одбереме да се радуваме и да бидеме благодарни за работите околу нас.



912

X