Докажано е дека децата што учат да пливаат во рана возраст имаат поголеми шанси за поефективно образование во споредба со децата што учат подоцна да пливаат. Едноставно, пливањето не прави попаметни, вели Мартиновски

Пливањето е спорт од кој има бројни придобивки ако се практикува уште од најмала возраст. Ги јакне мускулите, добро е за кардиоваскуларниот систем, а и ги елиминира деформитетите на телото, особено со оглед на фактот дека децата се недоволно активни, многу време поминуваат дома и во школските клупи. Зошто е добро да се плива, како децата да се ослободат од стравот од водата, кои се препораките за родителите… На овие прашања, ни одговори Мишко Мартиновски, кој 14 години работи како тренер по пливање.

– После моето 14-годишно искуство како тренер и согласно мојата методика на работа, најдобро за да се ослободи едно дете, односно да не се плаши во вода, е да се ослободува од стравот постепено преку различни игри, а потоа преку различни основни вежби, да почне постепено да учи да плива.

Кои се придобивките за децата од пливањето?

-Пливањето има позитивен ефект и е од огромно значење за здравјето на децата. Пливањето овозможува правилен раст и развој на децата, ги елиминира деформитетите кај децата кој последно време се сé почести поради немањето доволно физичка активност, неправилното седење дома и во школските клупи. Пливањето исто така го зајакнува кардиоваскуларниот систем, го зголемува капацитетот на белите дробови и ги зајакнува сите мускулни групи. Докажано е дека децата што учат да пливаат во рана возраст имаат поголеми шанси за поефективно образование во споредба со децата што учат подоцна да пливаат. Едноставно, пливањето не прави попаметни.

Kога едно дете треба да почне да учи да плива? Има ли идеална возраст или сепак e индивидуално?

– Според мене, некоја идеална возраст за дете почетник е пет или шест години, кога ќе може да соработуваат. Но, ова не мора да е правило затоа што сум имал пливачи на три-четири години кои се понапредни и одлично се покажале.

Како да се однесуваат родителите во поглед на безбедноста на нивните деца во вода, без оглед на тоа дали се наоѓаат на базен, море, езеро? Кои се вашите препораки за нив?

– Во поглед на безбедноста кога дечињата се со своите родители, тие треба да бидат многу претпазливи, посебно со помалите деца и непливачите, без разлика дали се наоѓаат на базен, езеро или на море. Најголемата грешка која ја прават родителите со своите деца е тоа што сакаат со сила т.е. со фрлање да ги внесат децата кои се плашат од вода и се непливачи. На тој начин им прават уште поголем стрес, страв и одбивност, па некои деца и на поголеми години го носат стравот во себе и многу потешко се опуштаат и многу потешко ги совладуваат техниките во пливањето. Моја препорака е само преку игра во вода да ги опуштат своите дечиња. Само така го изгубат стравот од вода.

Вие сте и наставник по физичко образование. Кој е вашиот став во врска со новината во одделенска настава часовите по физичко да ги одржуваат двајца наставници – одделенскиот и предметниот?

-Да, оваа школска година имав можност да работам како професор по физичко и здравствено образование во основното училиште „Димитар Миладинов“, токму како тандем-наставник. Тоа е моето училиште каде што после 20 години се вратив како професор на тандем-проектот кои го спроведоа Факултетот за физичка култура и општина Центар. Тој за прв пат се спроведе оваа година и помина одлично, 5, а е одличен затоа што се работи пред сé за здравјето на нашите деца од најмала возраст (од прво до петто одделение) и тие ги изучуваат сите спортски форми и период во кој се создаваат здрави навики. Од моето искуство можам да кажам дека од околу 300 дечиња од прво до петто одделение, немаше дете што не вежбаше на нашите часови. Спортски поздрав!



912

X